Осмото издание на меѓународниот фестивал за дебитантски филм „Киненова“, кое ќе се одржува од 13 до 18 октомври, пред публиката ќе претстави осум филма што, според организаторите, ќе се паметат. Фестивалот ќе биде отворен со грчко-македонската копродукција „Зад стоговите сено“, во режија на Асимина Проедроу, а наградата за особен придонес во филмската уметност ќе му биде доделена на познатиот српски актер Бранислав Лечиќ. Асимина Проедроу, заедно со Елеонора Венинова, македонската режисерка на филмот „Преекспонирано“, кој е и единствено македонско остварување во главната натпреварувачка програма, вечерва ќе го отвори фестивалот.
– Го создадовме ова наше осмо патување преку осмото сетило со филмови што знаеме дека долго ќе се паметат, поради нивната авторска умешност и занаетска сензибилност – посочи директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ, кој, заедно со Гена Теодосиевска, уметничка директорка на фестивалот, ја претстави годинашната програма, која се состои од долгометражни и кратки филмови, како и од филмови на земјата во фокус. Годинава тоа е кипарската кинематографија, при што ќе бидат прикажани три филма.
Комисијата што ќе одлучува за филмовите е составена од Лех Маевски од Полска, режисер, сценарист и кинематографер; Дебора ван Дам, режисерка и сценаристка од Холандија; и македонскиот драматург, драмски писател и сценарист Дејан Дуковски. Проекциите ќе се одржат во кината на „Синеплекс“.