Во Солун, во најголемата галерија за графика и една од најзначајните во Грција, беше отворено првото Битолско биенале на минијатурни графики и цртежи. Пред многубројната публика, градоначалникот на солунската општина Неаполи-Сикиес, Симос Данаилидис, ја прогласил Битола за балкански графички центар со широко светско значење и изразил желба за широка културна и творечка соработка. Биеналето, чиј организатор е графичкиот уметник и ликовен критичар Владо Ѓорески, доживеа голем успех и меѓународно признание на изложбата на 3 септември во една од најголемите и најзначајни галерии во Неаполи-Сикиес во Солун. Проектот, поддржан од Општина Битола, содржи над 800 дела на автори од 90 држави од светот, кои во Солун беа поставени во четири посебни оддели на два ката во галеријата.
– Исклучително е значајно да се истакне дека еден од најзначајните ликовни авторитети воопшто во Грција, професорката на Солунскиот универзитет по современа уметност Луиза Авгита, со огромен теоретски опус објавен во голем број книги, преведени на повеќе светски јазици, за самата изложба на Битолското меѓународно биенале истакна дека ова е една од ретките, ако не единствена во европски контекст, каде што се негува искрен, човечки, ликовен, хуманистички и чист емотивен и мисловен ликовен однос, кој е прогонет од Европа и заменет со сурогат на бесцелни уметнички формализми. Таа истакна дека битолскиот графички феномен ќе биде посебен интерес на нејзината натамошната проучувачка работа – вели Владо Ѓорески.