Фото: Маја Јаневска-Илиева

Културата е архитект што гради цврсти мостови, а „Чифте-амам“ е жешката точка на промоција на културната дипломатија и соработка, велат од Националната галерија

По отворањето на изложбата со наслов „Калиопе Австрија и Северна Македонија“ во соработка со австриската амбасада, која ја истакнува улогата на жената во обликувањето на светот во изминатите 200 години, во доменот на дипломатска културна соработка се случи уште еден настан. Имено, Амбасадата на Република Италија во Скопје, заедно со Италијанската трговска агенција (ИТА), ја зазеде културната сцена со долгоочекуваните денови на италијанскиот дизајн. Настанот, кој годинава е под мотото „Создавање вредности: инклузивност, иновации и одржливост“, ветува дека ќе ја спои безвременската елеганција на италијанскиот дизајн со практиките за одржливост што го тераат светот да размислува напред.
„Чифте-амам“ e локацијата на свеченото отворање на Деновите на италијанскиот дизајн со мастерклас на познатиот италијански дизајнер на играчки Лука Боскардин. Неговата евокативна гостувачка изложба од Музејот за дизајн е посветена на 140-та годишнина од првото издание на „Пинoкио“, прикажувајќи ги проектите што го толкуваат наследството на „Авантурите на Пинокио“ преку модерната визура на дизајнот. Националната галерија е првата дестинација откако музејот за дизајн АДИ на италијанската публика ѝ ја понуди можноста да ужива во поставката, во периодот од 30 ноември, па сѐ до 4 февруари 2024. По 28 март, овој исклучителен проект заминува за Сан Франциско во Соединетите Американски Држави.
Соработката меѓу италијанските и македонските културни сили означува значаен чекор кон интегрирање во рамките на уметноста, меѓународниот дизајн и модата. Оттука, како признание за втемелени општествено одговорни културни практики, амбасадорот Андреа Силвестри ѝ го врачи признанието „Витез на редот ѕвезда на Италија“ на директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими. Орденот го доделува претседателот на Републиката за воспоставување и негување лични и професионални релации со Република Италија, продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а по предлог на министерот за надворешни работи.
Ова одликување е воведено во 1947 година како „Ред на ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.
Наедно, Старова Ќерими четири пати беше комесарка на националниот павилјон на престижниот светски саем на уметноста – Венециско биенале и добитничка на наградата „13 Ноември“ во 2019 година за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје. В.Д.