Фото. „Џифони Македонија“

Единаесеттото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе биде затворено вечерва во 19.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје. Традиционално, учесниците на фестивалот низ танц, музика, филм, анимации, стрип, фотографии ќе споделат со публиката што научиле во изминатите пет на фестивалот, за време на сите работилници, разговори, дискусии. Ќе бидат прогласени и победничките филмови во сите категории.

Фото. „Џифони Македонија“
Фото. „Џифони Македонија“

На последниот фестивалски ден, кадетите ќе го проследат босанскиот филм „Екскурзија“ во режија на Уна Гуњак. Кај сениорите, односно средношколците од трета и четврта година, денеска ќе биде прикажан македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Веднаш по проекцијата, Дума ќе биде гостинка кај џифонци. По проекциите и на последните филмови, средношколците ќе гласаат за најдобар игран филм на фестивалот, а ќе го проследат и последниот блок кратки и анимирани филмови за кои исто така ќе гласаат.

На вчерашниот ден кадетите имаа можност да го запознаат режисерот Олег Асадулин од Русија, со кого разговараа за филмот „Таму и назад“, додека пак актерката Миона Илов Милов разговараше со кадетите по проекцијата на српскиот филм „Мрак“.

Фото. „Џифони Македонија“

На втората панелна дискусија од проектот ЕПИК се разговараше за иновативни едукативни модели кои преку аудивизуелни содржини им пренесуваат вредности на младите.

Џифонци покажаа посебен интерес за разговорот со младата режисерка Леона Јариќ, по проекцијата на нејзиниот документарен филм „Животот на една даска“, што е снимен во Нови Сад, како резултат на работилница за документарен филм. Тоа е прв документарец за Јариќ, која досега има снимано кратки играни филмови. Таа сподели дека иако нема образование за филмска режија, правењето филмови ја прави најсреќна. Јариќ ги покани џифонци да ги следат повиците за новите кратки филмови што планира да ги снима и дека секогаш се добредојдени да ѝ се придружат во создавањето на филмовите.

Фото. „Џифони Македонија“
Фото. „Џифони Македонија“

За крај на претпоследаниот ден на фестивалот, публиката ја проследи докудрамата „Учениците од Умберто Примо“, грчко-италијанска копродукција во режија на Алесандра Мајолети. Филмот зборува за нераскажаните приказни на девет еврејски ученици што учеле во италијанското училиште „Умберто Примо“ во Солун за време на нацистичката окупација и е базиран на архивски материјал откриен во 2003 година од италијански професор и сведочења на преживеаните протагонисти.