Екипа од филмот „Шест недели“ на црвениот тепих во Сараево/Фото: Официјална страница на СФФ

Од Сараево за „Нова Македонија“,
Екатерина Лазаревска и Александра Лашкова

Унгарскиот филм „Шест недели“, романскиот „Човек од акција“ и словенечкиот „Јавачи“ имаа светски премиери на 28. издание на Сараевскиот филмски фестивал

Во натпреварувачката програма за игран филм на 28. Сараевски филм фестивал (СФФ) беше прикажана светската премиера на филмот „Шест недели” на унгарската режисерка Ноеми Вероника Шакоњи. Филмот го следи животот на бунтовната тинејџерка Жофи која живее во мал стан со нејзината помлада сестра Меса и нестабилната мајка Беа. Главниот лик Жофи предоцна сфаќа дека е бремена и одлучува, откако ќе се породи, да го даде детето на посвојување. Мајка ѝ не може да ја прифати одлуката на нејзината ќерка, но не разбира дека ниту таа, ниту нивните услови за живот не се соодветни за новороденче. Жофи отсекогаш морала да се однесува како возрасна, да работи и да ноеси разумни одлуки за себе и за нејзината сестра наместо за нејзината мајка. Единствено што ја интересира е кариерата како пингпонгарка, на која напорно работи. Според државните закони, Жофи има рок од шест недели по породувањето да се премисли и да побара враќање на детето. По се изгледа дека икуството од досегашниот живот ја научило таа ладнокрвно да ги контролира своите емоции, движејќи се кон целите што си ги поставила. Но, во исто време, нејзиниот мајчински инстинкт се буди и почнуваат да ја обземаат сомнежи.

Режисер: Ноеми Вероника Сакоњи
Улоги: Каталин Роман, Жузана Јаро, Лана Шчаурски, Мони Балсаи, Андрас Мезарос, Кити Керештеси, Каталин Такач, Ана Ѓерѓи

Во Народниот театар во Сараево, во рамките на фестивалот беше прикажана и светската премиера на романскиот филм „Човек од акција“ во режија на Пол Негоеску. Филмот отсликува настани поврзани со главниот лик Илие, началникот на локалната полиција, кој сака да си изгради безбеден живот. Но прави кардинална грешка. Средовечниот и отуѓен Илие, чувствува потреба да биде дел од нешто – да засади овоштарник или дури да изгради куќа. Иако во селото се случуваат чудни работи, Илие го гледа само она што му одговара. Колапсот се случува кога Илие ќе се вклучи во селските настани. Во отсуство на решение, Илие се обидува да биде нешто што никогаш не бил: борец за правда кој ги апси сите што ја заслужуваат.

Режисер: Пол Негоеску
Улоги: Јулијан Постелнику, Анхел Дамјан, Василе Мурару, Крина Семчиуц, Даниел Бусуиок, Оана Тудор, Витали Бичир, Анемари Чертиќ

Во натпреварувачката програма ена СФФ, светска премиера имаше и словенечкиот филм „Јавачи“ во режија на Доминик Менчеј. Филмот ги прикажува Словенија и Хрватска во пролетта во 1999 година, преку доживувањето на двајца пријатели од едно мало село, кои решаваат со своите мопеди да одат на патување. Во потрага по слобода и љубов, водени од импулсивност и сакајќи да раскинат со конзервативните калапи на традицијата, тие почнуваат да разбираат работи што претходно не можеле ни да ги замислат. На нивниот пат низ Словенија и Хрватска, земји кои штотуку се отцепиле од Југославија, нив ги придружува млада жена со мистериозно минато и стар моторџија што го веќе го обиколил светот во потрага по слобода. Преку споделени искуства, тие си поставуваат предизвици еден на друг и на самите себе. Ги прекинуваат нивните врски со минатото и отвораат пат за нешто ново. Но, перипетија на тоа патување е ненадејната смрт на еден од придружниците. Пријателството е ставено на тест.

Режисер: Доминик Менчеј
Улоги: Петја Лабовиќ, Тимон Штурбеј, Ања Новак, Никола Којо, Елма Јуковиќ.