Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој денеска во Брисел учествуваше на дијалогот со косовскиот премиер Албин Курти и претставниците на ЕУ, изјави дека денот бил тежок и дека не може да каже дека завршил успешно.

– Зад нас е тежок ден, тоа беше тежок ден за сите граѓани на Србија, за целата наша земја и не можам да кажам дека заврши успешно, но се воздржувам од какви било други коментари, бидејќи се надевам и сакам да верувам дека можно е по некое чудо да дојдеме до некакво компромисно решение во наредните денови и затоа ќе продолжам да се борам за мир и стабилност – вели Вучиќ во видеото објавено на Инстаграм профилот.

Тој додаде дека во следните 48 часа ќе и се обрати на српската јавност со сите факти.

– И пред да ви се обратам, само сакам да ви кажам дека се бориме за нашата земја, дека ја продолжуваме таа борба и едвај чекам да се вратам во нашата Србија – рече претседателот на Србија.

По еднодневните разговори меѓу двете страни во Брисел, единствено што им се обрати на новинарите беше високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој рече дека денеска „за жал, не е постигнат договор, но тоа не е На крајот на приказната, двете страни се согласија дека процесот мора да продолжи и разговорот ќе продолжи во наредните денови, бидејќи до 1 септември има уште време, не се откажувам“.