Концерт на Националниот џез-оркестар во МНТ
Националниот џез-оркестар најавува специјален концерт, кој ќе се одржи на 8 октомври (вторник), со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар во Скопје. Овој уникатен настан ќе претставува спој на искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез-академијата во Штип. НЏО, исто така, потпиша меморандум за соработка и со Џез-академијата од Штип, каков што претходно на 5 март беше потпишан со Факултетот за музичка уметност од Скопје.
– Динамичен спој на искуството на професионалните музичари од Националниот џез-оркестар и новите музички надежи од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез-академијата во Штип, кои ќе понудат оригинален концертен настап на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје – најавуваат од оркестарот.
Овој несекојдневен концертен концепт ќе понуди иновативни аранжмани со разнородни џез-композиции, во кој младите џез-таленти ќе имаат можност да го покажат најдоброто, рамо до рамо со професионалните џез-музичари.
– Водејќи се од идејата дека имаме плодна почва за создавање нова генерација расни џез-музичари, кои ќе го продолжат континуитетот на врвна професионалност на Националниот џез-оркестар, сакаме да им дадеме можност на младите колеги конечно да застанат на голема сцена заедно со нас – велат од НЏО.
Адреналинот на младите таленти ќе му даде посебна возбудлива нишка на овој концерт, кој наедно е најава и за идни, слични настапи. Оваа млада генерација на џез-уметници ќе генерира нова млада публика и ќе продолжи да ја негува џез културата, која има блескава традиција во нашата држава.
– Ова е ретка можност и скапоцено искуство за нас младите џез-музичари. Ќе го дадеме најдоброто од себе – велат младите музичари, кои со денови се подготвуваат за концертот во МНТ.
По потпишувањето меморандум за соработка на НЏО со Факултетот за музичка уметност од Скопје, со деканката Дарија Андоновска на 5 март годинава, на 2 октомври и деканката на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Златка Митева, потпиша меморандум за соработка со директорот на НУ Национален оркестар за џез-музика, Гоце Стевковски. Оваа соработка ќе придонесе за размена на искуства, човечки, уметнички и просторни капацитети, и ќе даде голем придонес за развојот на џез-сцената.