Со пригодна програма вечерва со почеток од 18 часот во Центарот за култура во Кичево ќе биде одбележан Светскиот ден на поезијата – 21 март, на кој свои творби ќе читаат поголем број локални поети, а како гости ќе земат учество и поети од Охрид и Струга. На ова одбележување ќе се претстават и учениците од основното училиште „Христо Узунов“ од село Другово, кои ќе настапат со свои поетски творби.
– Традиционално Светскиот ден на поезијата го одбележуваме со литературно читање кое вечерва ќе се случи во малата сала од Центарот за култура во Кичево. Во литературното читање ќе земат учество поголем број локални поети,како Мира Илијоска, Наташа Наумоска, Марија Никодиноска, Викторија Јанкулоски а на ова одбележување наши гости ќе бидат и поетите од Охрид и Струга, Мирко Томовски и Димче Шипинкароски-истакна претседателката на литературниот клуб „Китка“од Кичево, Оливера Ширгоска, организатор на ова одбележување и нагласи дека вечерва ќе земат учество и талентираните поети од основното училиште „Христо Узунов“ од село Другово и најави учество и на двајца млади музички таленти.
– Во музичкиот дел ќе настапат учениците Михаил Тренески и Андреа Стојкоски, кои ќе изведат неколку музички нумери и фрагменти од етно фолклорот. Поезијата знае да зборува на свој автентичен начин и неа ја разбираат сите оние кои можат да ја слушнат душата на поетот – додаде Ширгоска. З.А.