Фото: Маја Јаневска-Илиева

Директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири е разрешен, а на негово место е назначено лице за кое премиерот Димитар Ковачевски рече: „тој е врвен професионалец“. Станува збор за Зоран Јовановски, кој имал завршено повеќе обуки во странство, кажа Ковачевски.

– Донесовме одлука за именување в.д. директор на КПД Идризово. Досегашниот директор беше разрешен, а за нов директор на затворот на мој предлог е именуван генерал мајор м.р. Зоран Јовановски. Тој има богата професионална кариера пред се во МВР. Во текот на својата професионална кариера поминал обуки во полициска академија во Луизијана, потоа обуки во Германија, во САД, Северна Ирска, Турција, Англија – истакна Ковачевски.

Директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, не понесе одговорност за низата скандали што го следат неговото директорување. Разрешувањето доаѓа откако партијата на Тахири, Алтернатива, излезе од Владата.

Пред еден месец медиумите побара и коментар од Владата дали новите коалиции се поважни од одговорноста што треба да се понесе при нестручно раководење со институциите – но од таму досега не одговориле.

Изминативе месеци во затворот „Идризово“ се случија низа скандали. Полицијата правеше претреси по налог на судот и наоѓаше дрога, телефони, недозволени предмети. Имаше и тепачки по кои затвореници беа пренесувани во болница. Постоеше и обвинување дека затворски полицајци ноќта пред пречекот на Нова година претепале млад затвореник. Меѓу најголемите скандали беше бегството на Беким Мемети за кое се води и истрага, а во кое осомничени се командир и затворски полицајци.

Тахири дојде на функцијата без искуство во затворскиот систем. За него, Управата за санкции велеше дека му е дадена шанса да се докаже.

– Го предложив за да добие шанса како и секој друг. Го најдов во општина Камењане, ми го препорачаа како голем борец против криминалот и корупцијата – рече Марјан Спасовски, разрешениот директор на Управата за санкции.

Денеска во затворот беше откриен и тунел кој го копале затвореници со високи казни, а кој требало да им обезбеди бегство.