Победнички, силно, достоинствено, храбро, смело… во срцето на Италија се слушна македонската песна. Песна, која не само италијанското срце туку и срцата на многу земји ги обои во црвено-жолти нијанси.
Неверојатно е чувството да се слушне името на својата татковина, МАКЕДОНИЈА, но победнички. Замислете, седум мали деца ја направија татковината горда, го направија гордо и своето училиште, својот училиштен дом. Храбро застанаа на италијанската сцена Олег, Софија, Мартин, Мина, Меглена, Александра и Јана.
– Солзи радосници во очите на сите нас… ежење на кожата… воодушевување. Неверојатно убаво чувство нѐ облеа кога некаде во попладневните часови, 26 мај, ни се јавија од Италија и ни кажаа: „Buona giornata a tutti“ – „Кочо Рацин“, Македонија, ние сме ПРВИ… ПРВО МЕСТО!!! – споделуваат од ООУ „Кочо Рацин – Скопје“.
Предметната професорка по музичко образование, менторката Наташа Митрова, и со седум ученици од училишниот хор му покажаа на светот како е да се биде најдобар меѓу најдобрите!
Се слушнаа убави мелоси на македонски песни, и тоа обработени за хорска изведба.
Минатогодишната победа беше поттик за нови музички авантури на училишниот хор при ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје, под диригентската палка на предметната професорка по музичко образование, менторката Наташа Митрова.
– Храбро, достоинствено, професионално, Рациновиот хор го освои и овој фестивал, Светски куп во фолклор, Соправиста во местото Лидо ди Јесоло, Венеција, Италија, каде што околу 12 земји учесници со околу 500 натпреварувачи во различни категории разбраа дека МАКЕДОНИЈА е земјата што оваа година ќе ја предводи парадата, со веење на македонското знаме…
Овации грмеа за време на настапот. Овации грмеа и по настапот. Овации и силна македонска песна се слушаа низ цела Италија за време на парадата, на која ООУ „Кочо Рацин“, Наташа и своите седум рациновци храбро го вееја знамето и му покажаа на светот која е Македонија. Овие седум деца покажаа како се сакаат татковина, град, општина, училиште – гордо истакнуваат од ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје.