Утре, со почеток од 13 часот, во МОБ ќе се одржи прошетка низ меѓународната изложба „На чија страна си?: За неврзаната деколонијална констелација“. Водачи на турата се Бојана Јанева и Ивана Васева. Прошеткaтa ќе започнe пред билетарницата на Националната опера и балет и е наменета за сите заинтересирани.
Учесници во изложбата се: Дан Акостиоаеј, Ѓорѓе Балмазовиќ, Ѓуверовиќ, Емилија Епштајн, Ана Кнежевиќ, Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Синиша Илиќ, Теја Мерхар, Марина Челебиќ, Анита Чулафиќ, Нада Баковиќ и Наталија Вујошевиќ и др.
– Изложбата има цел да направи скок во времето. Таа го поврзува сегашното глобално геополитичко преструктурирање предизвикано од војната во Украина со наследството на Движењето на неврзаните во неговите основни принципи – антиколонијализмот и (транс)националната солидарност, и повикува одново на радикална реинвенција на светот и уметноста во него – велат организаторите. Изложбата „На чија страна си?“ нашироко зборува за присуството на антиколонијални идеи и акции во неврзаната Југославија во самите процеси на деколонизација и како тоа наследство и знаење за (анти)колонијализмот и антиколонијалната солидарност се занемарени, па дури и избришани од денешното сеќавање. Исто така, редок е потфатот да се презентираат неколку дела од повеќе странски институции, како на пример Центарот за современа уметност на Црна Гора, Подгорица, Црна Гора, Музејот на африканска уметност – Колекција на Веда и др. Здравко Печар, Белград, Србија и Музејот на солидарноста Салвадор Аљенде, Сантијаго, Чиле. Оваа изложба претставува и дела од современи уметници и истражувачи што се обидуваат да ги поврзат спомените од минатото со денешната ситуација.