Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо, „Што се случи со Исидора?“, беше промовиран во „Литература.мк“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Ламина – публикации“, беше уредничката Татјана Димовска-Атанасова.
Приказната во „Што се случи со Исидора?“ почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера. Нејзините отуѓени ќерки се враќаат во готската опатија каде што пораснале, заради отворање на тестаментот. Шокирани од содржината на документот, на Долорес и на Исидора не им преостанува ништо друго, освен да се погрижат за наследството, но престојот во морничавата опатија, опкружена со шума и гробишта, за Исидора се претвора во кошмар. Почнува да гледа лица што не треба да се таму и луѓе што никој друг не се сеќава дека ги видел. Откако ќе забележи девојка што би требало да биде мртва веќе шеснаесет години, Исидора почнува да пропаѓа во лавиринт од лудило и очај. Од секој мрачен ходник демнат спомени на негрижа, духови од декадентни забави и соништа со давење.
Јана Мишо е писателка, блогерка, колумнистка и уредничка на женската рубрика „Оф кафе“ на „Офнет“ и необична урбана девојка вљубена во Скопје и во Париз. „Што се случи со Исидора?“ е прв готски трилер на Мишо, по популарните романи – „Скоро парижанка“, „Анаис од Монмартр“ и „Лулу“, како и на тин-серијалот „Јас сум Миа“.