Излезе од печат романот „Прелест“ од српскиот автор Филип Грбиќ. Романот ја доби наградата на Српската академија на науките и уметностите, „Бранко Ќопиќ“. Промоцијата е закажана за 20 јули, во МКЦ. Промотор на книгата ќе биде уредникот, Сашо Огненовски.
Филип Грбиќ е роден во Белград во 1984 година. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. Работел како професор по филозофија во гимназијата „Свети Сава“ во Белград. Објавувал преводи на книги и статии од руски, германски и од англиски јазик, како и критички осврти во културниот додаток на весникот „Политика“. Член е на редакцијата на литературното списание што го издава Книжевното друштво на Србија. Првиот роман „Руминации“ за претстојната катастрофа досега имал три изданија, а за него Грбиќ ја доби наградата „Милош Црњански“ за 2016 и 2017 година. Вториот роман „Прелест“ досега имал две изданија, а жирито на Српската академија на науките и уметностите на Грбиќ му ја додели наградата „Бранко Ќопиќ“ за најдобро прозно дело во 2018 година за овој роман. Неодамна „Прелест“ беше објавен во Франција во превод на Живко Влаховиќ.
Прелеста на некој начин е и заблуда, па така, во својот роман Филип Грбиќ говори за глобалната заблуда на цивилизацијата како иницијација за внатрешната борба на човекот со „слатката смрт“, која го нуди последниот лет во амбисот. Патот кон себесознавањето е тежок и трнлив и човекот не успева да го изоди до крајот на својот живот, а сјајниот роман „Прелест“ нѐ поведува низ оние патишта, кои се сè подалечни од човековата интактност, но го имаат мирисот на надежта, која, за жал, во овие неизвесни времиња многу цврсто заспала долу на дното од Пандорината кутија.
Книгата е поддржана од регионалната мрежа за културна разновидност РЕАД.