Со публикацијата „Mапирање на обичајот мартинки во Скопје и Скопско“ од авторките Василка Димитровска, Душица Брачиќ и Ленче Димовска е направен обид да се дојде до заклучок за постоењето, распространетоста, практикувањето и варијантите на обичајот мартинки во овој регион. Истражувањето што ѝ претходеше на оваа публикација вклучи теренска идентификација на носителите на обичајот во форма на аудио и видеозаписи, како и обемна анкета одговорена по писмен пат, преку која се реализира ограничено мапирање со цел нивна евиденција и следење на динамиката на оваа традиција во поширокиот регион на Скопје, како и добивање попрецизни научни податоци. Крајната цел е да се обезбеди достапност на релевантни информации за ова нематеријално културно наследство за пошироката јавност преку негово научно истражување, едукација, презентација и популаризација.
Промоцијата ќе се случи онлајн, утре, во 12 часот.
Издавач на публикацијата е ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата. Оваа публикација е изработена со кофинансиска поддршка од Министерството за култура, како проект поддржан на Годинешниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година.
Промоцијата на публикацијата „Mапирање на обичајот мартинки во Скопје и Скопско“ е вовед во претстојната десетта по ред традиционална манифестација „Среќна Баба Марта 2023“ во организација на ХАЕМУС.
Обичајот мартинки во 2017 година се впиша во Репрезентативната листа на УНЕСКО како Светското нематеријално културно наследство. Македонскиот дел од апликацијата меѓу другото се темели и на поддршката што во писмена форма ја даде ХАЕМУС, со што ХАЕМУС стана правен носител на ова културно добро од Македонија во УНЕСКО.