Промоцијата на анимираниот филм за деца „Лисичката плетачка“ и на двете дела на авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторката Иванка НиБа – „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“, ќе се одржи утре во Музејот на Град Скопје од 18.30 часот.
– Добрина, љубов, пријателство, емпатија, солидарност – карактеристики кон кои се стремиме како луѓе, на кои ги учиме нашите деца, ни беа најважни во периодот на корона изолацијата. Во овој период се родија многу ремек дела. Инспирирани и потсетени за вредностите во животот, се втурнавме кон создавање и љубење преку создавање уметност. Токму во тој период се родија овие две прекрасни песнички, токму во тој период се реализираа во сликовници, а шансата да го прославиме нивното раѓање, ја добивме сега. Илустрацијата е еден многу важен сегмент во сликовниците за деца. За децата што не знаат да читаат е клучен. Илустрацијата е во симбиоза со текстот, го опишува, но и го надополнува. Го следи, воедно и инспирира. Визуелната комуникација со децата што сѐ уште не знаат да читаат е дидактичка, линијата и формата се топли, боите нежни, но дефинирани. Целокупниот впечаток е нов магичен свет во кој се внесуваме и затоа и толку успех доживејаа овие две сликовнички. – велат организаторите од едиција „Светулка“.
Тие истакнуваат дека авторката Ана Голејшка Џикова заедно со илустраторката Иванка НиБа создале безвременски дела со кои ќе растат многу идни генерации.
– Сликовниците што ги имам напишано, „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“ се всушност омаж и гушкање на карактерите на мајка ми и татко ми. Преплетената грижа преку храна и топлина, се нивниот животен декор. „Лисичката“ е Лејди Зага неприкосновено, затоа што плете приказни, џемперчиња и капи за Надја, а богами и за мене и сестра ми, додека растевме. Нејзините игли се мека радост за создавање на најшарените шалови на светот. „Лепчето што расте“ му припаѓа примарно на татко ми, човекот кој прв ме запозна и воведе со радоста и уметноста на месењето, иако никогаш нема да го надминам. Утрата полни со брашно, тегнењето кори на дрвената маса и мирисот на масло, праз, месо или сирење, топла крпа, за трите пити што испаруваат чекајќи, се како парче од неговата душа што е закрила за никој да не е гладен. Моите детски приказни се нивните несовршени, топли срца. А сега кога се баба и дедо, тоа доаѓа до израз, како добро обликувана кифличка, како совршено исплетена шара на шал“ – вели Голејшка Џикова за своите приказни.
Иванка НиБа многу сака да црта животни. Заедно со нејзината ќеркичка Кристина секој ден цртаат по едно различно животно. Се дружат со мачорите Иво и Оги и кучето Бато, а омилен пејач им е славејот што живее во комшиското дрво. Сака да шлапка во вода, да крши и реди камчиња и да прави мозаици. Го обожава снегот, а во лето морето. Нејзина најголема инспирација се сите детски цртежи на светот.
Анимираниот филм, размрданата и распеана Лисичка, најмилната лисичка што некогаш била опишана во светот на книгите, ќе ја видиме екранизирана во Музеј на град Скопје, а за оние што нема да можат да дојдат, видеото промотивно ќе биде пуштено на јутуб-каналот на едиција „Светулка“. Анимираниот филм е во режија на Сандра Георгиева, анимацијата е дело на Горан Менков, музиката на Никола Бочваров, а илустрацијата на Иванка НиБа.