Фото: Принтскрин/ИДФ

Сателитски снимки анализирани денеска од американска новинска агенција покажуваат дека израелската армија почнала копнена офанзива во јужните делови на Појасот Газа во војната против Хамас.

По истекот на привремениот прекин на огнот и размената на заложниците кои Хамас ги држеше за Палестинците во израелските затвори, израелската армија почна тешки бомбардирања и копнени судири на југот на Појасот Газа.

Снимката објавена од „Планет лабс Пи-би-ес“ го дава првиот јасен увид на интензитетот и обемот на борбата.

Снимките покажале израелски тенкови и оклопни транспортери на само шест километри северно од центарот на Кан Јунис, главниот град во јужниот дел на Појасот Газа.

Многумина жители кои избегаа од израелската офанзива и бомбардирањето во градот Газа на север, сега живеат околу Кан Јунис и другите околни области откако израелската армија им нареди да се евакуираат.

Поради израелските копнени операции во јужниот дел на Газа илјадници Палестинци би можеле да останат без здравствена заштита, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).

Интензивирањето на воените копнени операции во јужниот дел на Газа, особено во Кан Јунис, веројатно ќе остави илјадници луѓе без здравствената заштита, особено од пристапот до медицинскиот комплекс Насер и Европската болница во Газа, двете главни болници во јужна Газа, бидејќи се зголемува бројот на повредени и болни, се вели во соопштението на СЗО, пренесува „Си-ен-ен“.

Се укажува дека само 18 од 36-те болници сè уште функционираат во Газа, но само делумно обезбедуваат услуги. СЗО додава дека 12-те болници во јужна Газа се „рбетот на здравствениот систем“.

„Газа не може да си дозволи да изгуби уште една болница бидејќи здравствените потреби продолжуваат да се зголемуваат“, се вели во соопштението на СЗО од каде го повикуваат Израел да ги преземе неопходните мерки за заштита на цивилите и болничката инфраструктура.

Израел подготвува голем систем на пумпи за вода што би можел да ги искористи за да ги поплави тунелите на Хамас под Појасот Газа, во обид да ги истера борците на палестинската милитантна група, јавија западните медиуми, повикувајќи се на американските медиуми.

Во средината на ноември, израелската војска ја заврши инсталацијата на најмалку пет пумпи на околу два километри северно од бегалскиот камп Ал Шати, кои би можеле да испуштат илјадници кубни метри вода на час, поплавувајќи ги тунелите на палестинските милитанти за неколку недели, објави вчера „Волстрит џурнал“, цитирајќи американски официјални претставници.

Не е познато дали Израел ќе ја разгледа употребата на пумпите пред да бидат ослободени сите заложници, кои ги држеше Хамас од почетокот на конфликтот, се вели во извештајот. Хамас претходно објави дека држи затвореници на „безбедни места и тунели“.