Вечерва, со почеток во 20 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии учесници на работилницата „Филмска училница ФИЛМЕЈ“, која е во организација на Кинотеката на Македонија и институтот „Гете“ во Скопје, а е дел од меѓународниот проект „ФилмЕД“. Кратките филмови „Агент Блу“ на Јана Денковска, „Колач“ на Костадин Тасевски и „Фејктопија“ на Максим Котески и Алек Дуковски ќе бидат премиерно прикажани, по што ќе следува кратка дискусија за филмовите.
– Филмските училници во чии рамки се направија овие кратки филмови се одржуваа секоја сабота во Кинотеката, во текот на првото полугодие од учебната 2024/2025 година, и во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Тие, заедно со режисерот Саша Станишиќ, како и филмските автори Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, учеа за филмската уметност и работеа на своите први кратки филмчиња, во улога на режисери, сниматели, актери и сценаристи – велат од Кинотеката.
Филмска училница е дел од проектот „ФилмЕД“, кој покрај развој на методологии за филмска едукација, има цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место каде што ќе може да се дискутира за нив. Преку интерактивно и креативно учење, учесниците на филмските училници се стекнаа со основно познавање од филмот и филмската уметност, развија критичко размислување, но и стекнаа основни вештини за изработка на видеоматеријали како средства за лично изразување. Под менторство на филмски професионалци, учесниците создадоа кратки филмови на различни теми, кои ќе бидат прикажани во Кинотеката на Македонија пред нивните семејства и пријатели.