Деновиве привршуваат истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија. Традиционално при крајот на ископувањата, Центарот за истражување на предисторијата заедно со „Прилепскиот џез-викенд“ организира концерт со цел да го афирмира овој особено битен локалитет. Оваа недела, на 25 август, во 18.30 часот, ќе настапи хорот „Св. Петка“, кој ќе изведе вокална програма од средновековни и модерни композитори на духовна музика.
– Концертот претставува последна етапа од археолошките истражувања што се изведуваа на Врбјанска Чука во август. Годинашните истражувања, кои се одвиваат веќе деветта година, беа особено плодни и резултираа со голем број нови откритија што ги дополнија сознанијата за оваа неолитска населба формирана пред повеќе од 8.000 години. При ископувањата се откри цела нова градба, во која има масивна печка и систем на помали сандачиња за чување и обработка на жито. Освен овие фасцинантни архитектонски остатоци, исто така се пронајдоа сликани садови, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, камени орудија и садови, што укажува на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите – вели Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата.
Овие мултидисциплинарни истражувања, кои се во соработка меѓу стручњаци и студенти од Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј – Прилеп, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, кои ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции. Теренските и кабинетските истражувања финансиски се поддржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел.