Со изведбата на претставата „Нема струја за електричниот стол” на театарот „Јордан Х. К. Џинот” од Велес, во режија на Дејан Пројковски и врачувањето на наградите на најуспешните во Битола е спуштена завесата на годинашниот 24 по ред фестивал на монодрамата.
Најпрестижното признание на годинашниот фестивал наградата „Гран При“ му беше доделено на актерот Јанјиндулам Рагкасурен од Монголија, за претставата „Кој сум јас“.
Наградата за најдобро актерско остварување ја доби Салваторе Арена,за улогата во претставата „Како мало зрно песок” од Италија. За најдобра режија на Фестивалот беа наградени Хорхе Лопез и Пати Доминик за претставата „Крвава свадба” од Шпанија. Најдобра претстава избрана од страна на публиката беше „Како мало зрно песок” од Италија.
Инаку годинашното 24 издание на Интернационалниот Фестивал на монодрамата во Битола, кој се одржа во организација на Центарот за култура под мотото „Да се биде” траеше девет дена.
На Фестивалот учествуваа актери од 11 земји, со вкупно 13 монодрами.
На театарските сцени во Битола гостуваа актери од Естонија, Монголија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Косово, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и од Македонија.
Новина на фестивалот годинава беше конкурсот за македонски монодрами и по пауза од повеке од 15 години беше обновен конкурсот за монодрамски текст.
Во рамките на Фестивалот на монодрамата беа организирани работилници за пантомима, како и офф програма која внесе позитивна енергија во Битола надвор од театарските сцени.
М.М.