По неодамнешниот концерт на Дино Имери во Белград, каде што настапи со уште двајца врвни музичари – Роман Симовиќ на виолина и Драган Ѓорѓевиќ на виолончело, а кој заврши со стоечки овации во преполната сала во „Коларац“, нашиот пијанист приредува уште еден мошне значаен настан. Станува збор за настанот „Недела на Бах“, кој на различни локации во Скопје ќе се случува од 2 до 7 декември.
Во соработка со германската амбасада и со поддршка од Министерството за култура и туризам ќе се одржат концерт, музички работилници за деца и предавања, кои од различни аспекти ќе ни ги претстават музиката, филозофијата и животот на најголемиот композитор на сите времиња, Јохан Себастијан Бах, без чие постоење и дејствување светот не би бил ист.
Имено, централниот настан на „Недела на Бах“ е концертот на волшебникот на пијаното, Дино Имери, со наслов „Кодот на Бах“, кој ќе се случи на 4 декември во Културно-информативниот центар („Салон 19,19“). Рецитален настап, на кој Имери ќе го изведе најпознатото и едно од најкомплексните дела на славниот композитор, неговите „Голдберг варијации“, што се смета за споменик во целокупната западна класична музика. Јохан Себастијан Бах создал магија од музика. Целото негово творештво е неповторливо и уникатно, но „Голдберг варијациите“ се центарот на неговиот свет. Тие се сон за секој пијанист и со право се сметаат за едно од најгенијалните и најкомплексни дела на Бах, во кое се покажува неговиот талент за хармонија, контрапункт и виртуозност.
На 2 декември, пак, кога и официјално ќе започне „Неделата на Бах“, на Факултетот за музичка уметност, со почеток во 13 часот, Дино Имери ќе одржи отворено предавање пред студентите, на кое ќе се осврне претежно на создавањето, идејата и композиторската структура на „Голдберг варијациите“.
На 6 и на 7декември, за децата во ООУ „Љубен Лапе“, односно за децата во „СОС детско село“, Имери и Иванова ќе одржат музички работилници во вид на претстава, под наслов „Голди, Бах и музичкото село“. Автор на приказната е Тина Иванова, која ќе се јави и како наратор, заедно со пијано-придружба и нарација на Дино Имери. Овие музички работилници имаат цел децата да го запознаат Бах и особено неговите „Голдберг варијации“, преку интересна и автентична приказна за да се насочат кон понатамошен интерес и истражување за вечната музика на Бах.
Додека, пак, по завршувањето на целиот настан, во просториите на „ЕУ инфо центарот“, заедно со пијанистот Имери, на отвореното предавање за филозофскиот, музичкиот и естетскиот аспект на творештвото на Ј. С. Бах ќе учествува и музикологот Тина Иванова. Всушност, ова предавање е замислено во вид на интервју, низ кое ќе се откријат повеќе аспекти и за денешното влијание на големиот германски музички автор. Предавањето носи наслов „Универзалниот јазик на Бах – што неговата музика може да нѐ научи денес?“