Во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ вчера беше отворена изложба од од меѓународната ликовна колонија „Дрен“ што ја организра Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп. „Дрен“ постои од 2008 година и во неа низ годините учествувале познати од ликовната уметност од Македонија и од странство.
– Стремежот кон приближување до светските современи ликовни тенденции артикулирани преку апстрактниот пејзажизам и геометриската апстракција, ги обединува ликовните автори на делата претставени на сликарската колонија „Дрен“. Необичниот предмет „око“ или „сноп светлина“ поставен во средишниот дел на композицијата на уметницата Џигдем Ѓуллу алудираат на еден алогичен и мистичен свет, со сопствена автономна безвременост и реалност. Приспособувајќи ја композицијата, односно боите и облиците, Ибрахим Беди создава уметност чисто изразна и ослободена од ликовна предеметна асоцијација. Преку сенишната силуета на Мирко Вујиќ, се чуствува присуството на едно заборавено битие и жедта за повторна негова идентификација избивајќи од густината на слоевите боја. Амбиенталниот призвук на тиркизната и окер боја нанесени со широки потези на четката на платното на авторката Микица Трујкановиќ, ветуваат едно продлабочено и проникнувачко патување на сетилата низ апстрактниот пејзаж, допирајќи до мирисот на солената разбранувана вода и ситниот песок на морскиот брег – рече во своето обраќање на отворањето на изложбата Јулијана Туриманџова, директорка на домот на културата „Иван Мазов Климе“, осврнувајќи се поединеќно и за делата на дригите учесници на изложбата Драган Најденовски, Марија Стојановска Петковска, Тони Чатлески, Мирјана Крстева Масети, Владимир Темков, Жани Гелевска и Марјан Стојановски.
Изложбата беше проследена со настап на ученици од ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци кои континуирано се дел од културните настани и со своите музички точки ги збогатуваат сите случувања од областа на културата. Ми.М.