фото: МАИ

Македонската асоцијација на издавачи го распишува осмиот по ред конкурс за наградите на МАИ за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книгата

Осма година по ред, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата, ќе ги додели наградите на МАИ. На Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 18 до 24 овој месец, МАИ ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до годишниот саем (мај 2023 – април 2024 година).
Поканата за учество на конкурсот за наградите на МАИ е отворена за сите издавачи од земјава, кои можат да конкурираат со своите најдобри изданија, автори и проекти во следниве категории: (1) Признание за најдобра едиција; (2) Признание за најдобар дизајн на корица; (3) Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) Признание за најдобра книга за деца; (5) Признание за автор на годината; (6) Признание за најкреативно издание; (7) Признание за поттикнување на општествена одговорност и (8) Специјално признание за промотор на читачката култура.
– И оваа година МАИ сака да оддаде признание на издавачите и уметниците (писатели, графички дизајнери, илустратори…) кои од ланскиот саем до овој успеале да создадат единствени и оригинални дела, преку кои се подигнува нивото на издаваштвото и културата во нашата земја.
Македонската асоцијација на издавачи со наградите на МАИ и оваа година сака да им оддаде признание на оние што оствариле највисоки уметнички, креативни и културни резултати во сферата на издаваштвото, како и патоказ на читателите за најзначајните книги од изминатата година што треба да ги имаат во своите библиотеки – вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
За наградите на МАИ ќе одлучува независна жири-комисија, оваа година составена од три членки, истакнати професионалки во сферата на книжевноста и на графичкиот дизајн: Николина Андова-Шопова, писателка, добитничка на наградата Роман на годината; Биљана Стојановска, поетеса и новинарка и Ива Јованова, графичка дизајнерка.
Издавачите што сакаат да конкурираат, документот за апликација можат да го побараат на електронската пошта [email protected].
Крајниот рок за испраќање на апликациите е 10 април 2023 година, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 19 април, во рамки на Саемот на книгата.