Една од најзначајните македонски писателки, Оливера Николова, е добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, која ја доделува интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Јубилејното 10. издание на фестивалот годинава ќе се одржи од 18 до 21 септември. Одлуката за доделување на наградата на Николова беше донесена едногласно од страна на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, на чело со претседателот Ермис Лафазановски.
– Оливера Николова е македонска писателка што ја обележи македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија во рамките на македонската книжевност за деца, па до нејзиниот последен роман, на читателите не само во Македонија туку и на Балканот им ја понуди единствената привилегија преку нејзините дела да прочитаат работи што се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината – стои во одлуката.