Во галеријата К18ВД-30 – изложбениот простор на историскиот Ветрињски дворец во Марибор, Словенија, е отворена 20-та самостојна изложба на уметникот Оливер Мусовиќ со наслов „Активен програмиран одмор: мини-голф“. Изложбата е резултат на едномесечниот престој на Мусовиќ во резиденцијалната програма за уметници „Соба за гости Марибор“ на здружението „Пекарна магдаленски мрежи Марибор“.
Оливер Мусовиќ на изложбата претставува нови, досега неизложувани дела – две фотографски серии, реализирани во Охрид (2019-2022) и во Марибор, преку кои прави компаративна анализа на слободното време во социјалистичка Југославија, документирајќи ги остатоците од материјалната култура на „активното одморање“, во овој случај, два многу слични рекреативни објекти – терени за мини-голф, на две оддалечени географски локации – Охридско Езеро и брегот на реката Драва во близината на Марибор, кои некогаш биле во заедничка држава.
– Двата локалитета имаат слична историја, се развиваат како дел од поголеми туристички комплекси – хотелот одморалиште „Орце Николов“ во месноста Свети Стефан и мотелот „Језеро“ во Брестерница при Марибору, и поминуваат низ сличен процес на приватизација по падот на Југославија и веќе не се функционални. Сега, двата бетонски терени имаат многу сличен скулпторски и речиси археолошки квалитет што иницијално го привлече уметникот – се вели во најавата.
Оливер Мусовиќ (1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и во Црна Гора. Учествувал и на резиденцијални престои во Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД и во Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се публикувани во повеќе публикации. Изложбата ќе биде отворена до 20 јануари 2023 година.