РЕЦЕНЗИЈА
По повод премиерната изведба на претставата „Власт“ од Б. Нушиќ, во режија на Ѓорѓи Ризески. Играат: Ефтим Трајчов Ѓјаурски. Милорад Ангелов, Марко Трајковиќ, Никола Милошевски, Елена Шорова Дербов, Стефанија Митовска, Ава Хусеини, Морис Роне. Костимите се на Кети Пауновска Стевковска; сценографијата на Мартин Манев; сценските движења на Сања Русеска; аниматор е Емил Пачковски; дизајн-фотографија и видео на Емил Пачковски
По сето она што ќе го вкусиме од животот, доаѓаме до констатација дека тој не е само суета туку и борба за вистината. Филозофот, религиозниот егзистенционалист Карл Јаспер, во својата книга „Малечка школа на филозофско мислење“, во деветтото поглавје, насловено „Јавност“, ќе напише: „Противникот на вистината кај нас се јавува уште во тесниот круг на волјата за власт. Волјата за вистината настојува да има јавност, а волјата за власт бара конспирација, тајност. Ако посакаме да исчезне волјата за власт, заедно со неа ќе исчезне и конспирацијата.“ Според филозофот, волјата за власт не може без вистината. Вистината ѝ е потребна како материјал за правење на лагата. Без лагата, како фотосинтезата за растенијата, волјата за власт бледнеејќи ќе исчезне. Реверансот што го прави волјата за власт кон вистината ѝ помага во прикривањето. „Лажливоста станува животна средина на вистината. Во неа таа има предност“, пишува во текстот Јаспер. Мојата нана Блажа постојано повторуваше: „Овој свет е лажлив.“ И во истиот тој лажлив свет таа правеше реверанс кон Господ. Што значи, на господовата вистина ѝ даваше предност. Не е преамбициозно, ниту пак фриволно, ако кажеме дека во високоцивилизираниот свет, таква предност треба да ѝ даваме на вистината на писателите, се мисли на вистината на слободните писатели. Тие егзистираат во светот на лагата, но не забораваат дека егзистираат на сметка на вистината што протекува од нивните изјави. Во нашиов случај, ќе ја потенцираме вистината на Б. Нушиќ. Тој проклет вистинољубец, во сите свои дела се труди да говори за нејзината предност во лажливиот свет.
Најексплицитно го прави тоа во последната негова недовршена пиеса „Власт“. Во неа авторот говори дека само слободниот човек може да има статус на граѓанин, односно да посака јавност на основа на вистината. Како што се препознава дека волјата за власт бара прикривање, конспирација, за да може на мира од лагата да изѕида вистина.
Режисерот на претставата Ѓорѓи Ризески не само што влегол длабоко во суштината на Нушиќевата порака туку ја искористил како материјал да изгради личен став, кој како добро насочен проектил ја руши секоја цитадела на власта, навидум изградена со добри намери. Преку умешно изградената фигурално предметна композиција, испраќа визуелни и звучни сигнали кон публиката, која се предава по првата сугестија – волјата за власт раѓа нечесност, интриги, лаги и мамења. Луѓето, пак, водени од неа се смешни, комични и далеку се од тоа да се чувствуваат слободно.
Актерската екипа во градењето на сценскиот израз дејствуваше консеквентно. Па, издвојувањето на креацијата на одделни актери би го нарушило крајниот впечаток за сценската композиција чии елементи ја правеа компактна.
Она што остава посебен впечаток е сценографијата на Манев, која фасцинира со својата функционалност.
Накратко, ова е претстава што може да се нарачува, во мала животна средина, како што е Штип, по трипати во неделата, ако не и по повеќепати.
Пишува: Трајче Кацаров