Културно-информативниот центар поканува на отворањето на изложбата на графики, цртежи и колажи од академскиот графичар Слободан Радојковиќ (Србија) во салонот „Империјал 1“, во вторник, во 20 часот.
– На прв поглед, станува збор за три различни наративи, циклуси, со кои Радојковиќ ѝ се претставува на ликовната публика. Но тоа е привид, зашто сите три циклуси („Лулиња и чешли“, „Колиби и дождови“, „Мрежи“), без оглед што се создавани во различни временски периоди, тесно се поврзани со потребата на Радојковиќ да ги надмине конечната форма и визуелната претстава, притоа ослободувајќи се од стварноста и преминувајќи во состојба на оностраното – на нешто што е повеќе од слика по себе, што преминува во метафора со која се напуштаат она што се гледа и она што е вообичаен тек на нештата.

Колибите и дождовите, мрежите, лулињата и чешлите се наметнуваат како прибежиште на човечкиот ум од хераклитовскиот тек на нештата, според кои моментите сместени во различни временски мигови не можат да се доведат во врска – пишува Срѓан Марковиќ за изложбата.

Слободан Радојковиќ e роден во 1967 г., во Ниш, Србија. Дипломирал на ФЛУ во Скопје, во 1992 г. Постдипломски студии завршува на ФЛУ во Белград, Србија, во 1996 г., а на истиот факултет докторира во 2016 г. Работи како професор по графика на ФЛУ во Ниш, Србија. Од 1993 г. е член на Здружението на ликовни уметности на Србија – УЛУС. Има реализирано 25 самостојни изложби во Белград, Ниш, Пирот, Приштина, Прокупље, Кикинда, Смедеревска Паланка, Краљево, Крагуевац, Софија (Бугарија), Хјустон (САД), Бања Лука (БиХ), Николет (Канада), Котор (Црна Гора), Верчели, Вербанија, Карнаго (Италија) и Берн (Швајцарија). Од 1993 г. учествува на повеќе од 350 групни изложби низ целиот свет. Некои од најпознатите излагања се во Белград, Ниш, Скопје, Солун, Токио, Харков, Софија, Пловдив, Буенос Аирес, Кочи, Мјанмар, Прага, Париз, Свонси, Александрија, Мексико Сити и др.
Изложбата ќе биде отворена до 4 јули.