Во организација на ЈОУ библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, денеска, во 19 часот, во Галерија-амам во Гевгелија ќе биде отворена изложбата „НарАРТива 2023“, со слики и скулптури од современите македонски уметници: Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Владимир Илиевски, Ване Костуранов, Марија Трајаноска, Мирјана Крстева Массетти, Миле Ничевски, Тони Попов, Александар Јанев, Дамјан Ѓуров, Елена Ѓурова, Иван Кал’чев и Анамарија Митриќеска Кал’чева.
Од самите прапочетоци на литературата и визуелните уметности може да се зборува и за нивни интермедијални релации, кои по својата природа отсекогаш биле двонасочни. Не само што низ целокупната историја литературните дела вдахнале и биле втемелувачки жар во процесот на создавање голем број ликовни дела или скулптури, туку и голем број книжевни дела имаат екфрастичко-експресивен предзнак, а двете уметности комплементарно се надоврзувале во сеопштата еволуција на уметноста, поединечни правци или струи.
Изложбата „НарАРТива 2023“, во организација на ЈОУ библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, се соочува со целта да ја долови едната од овие две насоки, поаѓајќи од позицијата на естетски и поетички разноликото творештво на современите македонски визуелни уметници – од дела што своја подлога наоѓаат во поединечни наративни или ситуациски нишки од делата или личностите/ликовите на Е.А. По, Егзипери, Венедикт Ерофеев или В. Шимборска, преку дела инспирирани од ликот или творештвото на Чернодрински, Рацин и Шопов, до дела што посуптилно или поиндиректно одразуваат некакви наративни обрасци и форми.
Изложбата ќе ја отвори директорот на ЈОУ библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, Стефан Марковски. По повод изложбата, ЈОУ библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија објави и каталог со застапените дела.