Поетската книга „Процвет“ на поетесата Цветанка Невчева во издание на „Дата песнопој“ ја доби наградата „Душата на чаршијата“ на конкурсот распишан од истата издавачка куќа. Песните во стихозбирката се врамени во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции, нешто што соодветствува на современите текови во поезијата.
– Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот – стои во рецензијата на Илија Мерковски, уредник на издавачката куќа „Дата песнопој“.
Според него, Цветанка Невчева застанува на линијата на искушението да го прифати моментот или да му наметне блиско или далечно случување.
– Тоа е гравир, слика што плови и го пронаоѓа моментот да се живее со или без меѓи, подигајќи ги секојдневните текови како насмевка или болка, упорност за давање смисла на потрагата на вистинската љубов – пишува Мерковски.
Илустрацијата на корицата е на хуманистот и сликар Живко Поповски-Цветин. Низ страниците од книгата се проткаени репродукции на дела на познатиот хирург д-р Јордан Невчев.
Нераскинливиот спој на поетската и ликовната уметност преточен во стихозбирка, која ќе остави трајни вредности и ќе ги освои срцата на читателите, е основната цел на „Процвет“.