Дино Имери, пијанист

Дино Имери е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршката филхармонија, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Соработувал со еминентни уметници и добитник е на значајни награди. Минатата година ја заокружи со врвни и значајни настапи.
– Враќањето на Охридско лето по единаесет години отсуство од таа сцена со исклучително успешен и инспиративен рецитал, скопскиот рецитал во големата филхармониска сала во продукција на Филхармонијата. Значаен беше концертот во Лондон, а прекрасно заокружување на целата година и воопшто најдраг настан ми беше всушност последниот концерт во 2023 г. – „Музика и поезија – Вечер со музиката на Шопен“ во камерната сала на Филхармонијата, каде што заедно со маестра Дијана Имери Илкоска и нејзиниот ИД Камерен оркестар изведував музика од Шопен – посочува Имери

Како почна да се создава името Дино Имери? Што е она што ве лансира меѓу најреномираните македонски пијанисти?
– Пред сѐ, ме лансира мојата уметничка дејност. Зад Дино Имери никогаш не застанаа мецена, спонзор, политичка организација и слично. Веројатно затоа патот траеше толку долго, но истовремено, пак, успесите се случуваа природно и пропорционално со мојот развој како личност, пијанист и уметник. Од друга страна, рано во мојата кариера се соочив со меѓународните успеси – од рангот во десетте најдобри европски пијанисти и потпишувањето на ексклузивниот двегодишен договор со Европската пијано-програма на 20-годишна возраст, па сѐ до многубројните концерти и соработки со врвни оркестри, инструменталисти, пејачи, диригенти. Оваа година ја одбележав својата петнаесетта сезона како професионален пијанист со настапите во Лондон, Загреб, Ленгерих, Охрид и во Скопје.

Спектакуларно и импресивно завршуваат вашите концерти. Од ваш ракурс, што сметате дека ја плени публиката?
– Навистина е тешко да се даде објаснување, особено од моја перспектива. Мислам дека кога ќе дојдат на моите концерти, луѓето се чувствуваат ослободено однатре. Како некој да им го симнал товарот од грб, барем за миг. Музиката ја има таа волшебна моќ, а јас сум само „гласник“ што се обидува да ја долови таа магија.

Како го избирате репертоарот за вашите настапи… Со што ви е важно да почнете, која е кулминацијата, а каков е расплетот на еден ваш концерт?
Репертоарот за моите концерти мора да помине неколку филтри: да биде конципиран уметнички, да содржи елементи на иновација и автентичност, да биде интересен за следење, односно да биде идеално балансиран за да можат во него еднакво да уживаат и добрите познавачи и луѓе што првпат доаѓаат на таков концерт и, на крајот, мора да претставува некаков предизвик или чекор напред во мојот пијанистички и уметнички развој.
На секој концерт му приоѓам индивидуално и честопати експериментирам. Некои концерти пологично се градат со повеќе контрасти и кулминации, додека, пак, некои е подобро да се градат по принцип на едно постепено и постојано растење. Мојот последен рецитал што го изведував во Македонија, Хрватска и во Германија оваа сезона беше токму таков, а кулминацијата се случи на самиот крај. Рециталот започна со сонливото и меланхолично Ноктурно на Де Фаља, па преку делата на Момпу и Равел постепено се градеше и заврши со фуриозните и виртуозни Кармен-варијации од Бизе во обработка на Хоровиц, со фантастичен прием од публиката и критиката, на мое задоволство.
Во една пригода, г-ѓа Панда Зографска Беличанец (архитектка, претседателка на фондацијата „Томислав Зографски“ и голема поддржувачка на уметниците) ми кажа: „Знаеш Дино, за нас публиката, изборот на програмата е понекогаш позначаен и од изведбата“. Се согласувам во целост со нејзината констатација, изборот е многу, многу важен.

Како се подготвувате за концерт, физички и ментално?
Физички сум многу активен, се хранам одмерено, а пред сѐ, се трудам да си го одржам позитивниот дух. Програмата за концертите ја подготвувам барем половина година однапред, а некои дела ги работам и по неколку години. Вежбањето на пијано е секојдневно, а покрај времето поминато пред инструмент, тука е секако и аналитичниот дел – кога на партитурата ѝ пристапувате од теоретски аспект и се трудите да се приближите до намерата на авторот и значењето на композицијата преку изучување и проучување. Подготовките се интензивни, но преку искуството човек се учи како да се носи со тој интензитет.

Во еден наврат спомнавте дека сакате да им помагате на младите аспиративни таленти, кој е советот што најчесто го адресирате до нив?
Секогаш се трудам да најдам време за сите млади што од мене бараат совет. Покрај редовните студенти од мојата класа на ФМУ, секојдневно контактираат со мене и студенти од целиот свет, кои се запознаени со мојата работа преку моите снимки или, пак, посетиле некој од моите концерти. Најчесто сакаат да дознаат кои се тајните на мојата техника на свирење и интерпретацијата на едно дело. Понекогаш бараат совет за нивната кариера, а некогаш пак им е потребен разговор за други теми што ги засегаат, како на пример, нивниот поглед на светот и местото на уметноста во него. Навистина е задоволство да се биде опкружен со младите, но и голема одговорност.

Гледајќи наназад во вашата кариера, дали има некои моменти или концерти што се издвојуваат како посебни и трансформативни за вас?
Има доста такви клучни моменти, но еве сега ми падна на памет мојата прва средба со професорката Људмила Романова. Морав да полагам аудиција за да ме прими во нејзината класа. Беше фасцинирана кога го проверуваше мојот слух, но не и од програмата што ја свирев за која оправдано сметаше дека не е доволно напредна. Ми рече: „Ќе мора МНОГУ да работиш за да го стигнеш потребното ниво. Дали си спремен за тоа?“ Одговорив потврдно и, ете, сѐ уште стојам на тоа ветување што го дадов пред неа и пред себеси.
Еден од најдрагите концерти во мојата кариера, пак, се случи во 2014 година кога мојата сопруга (во тоа време студентка по диригирање) Дијана Илкоска самата успеа да собере цел оркестар составен од наши колеги студенти од државата и надвор, по повод нејзината одбрана на дипломскиот труд. Се собравме самоиницијативно и без никаква финансиска поддршка, заедно успеавме да направиме навистина незаборавен концерт што го паметиме сите ние што тогаш се најдовме во преполниот Музеј на град Скопје. Беше тоа нешто посебно и неповторливо.

Пијанисти или музичари што беа и сѐ уште се дел од вашиот еволутивен процес, од кои учите, чие творештво го следите…
Трансформативно искуство беше да се учи од професорите Људмила и Борис Романови. Тие оставија неизбришлива трага во историјата на пијанизмот во Македонија. Во студентските денови особено значајна беше и соработката со нашиот реномиран диригент, кој, за жал, прерано нѐ напушти – маестро Саша Николовски-Ѓумар. На неговите часови пораснав како музичар и ми се прошири целата слика за музичката уметност. Од огромна помош за мене беа советите на мојот татко Дамир, кој одблизу го следеше секој мој чекор. На крајот, сакам да ја споменам мојата музичка и животна сопатничка – Дијана. Заедно растевме и учевме, а секогаш сум ја чувствувал како голем авторитет во музиката. Нејзините совети ми помагаат секојдневно.

Какво наследство сакате да оставите во македонската музичка историја… Како сакате да ја дообликувате македонската музичка сцена?
Сакам да видам сцена што ќе функционира по највисоки професионални стандарди. Амбиент во кој раководните функции ќе бидат препуштени на личности со најголем професионален и човечки кредибилитет и интегритет. Можеби размислувам наивно, а можеби работите се веќе стигнати до толку ниско ниво кога едноставно ќе мора да се повикаме на тие личности да ја подобрат состојбата.
Посакувам македонскиот уметник да биде барем еднакво (ако не и повеќе) ценет со гостите од странство. А од кого зависи тоа? Се разбира, од нас самите. Време е да се соочиме со себеси и да ги надминеме инфантилните болести и фрустрации, еднаш засекогаш.
Сакам да видам уште поголема инволвираност на институциите и една вистинска и сериозна стратегија во поглед на едукација на децата и младите и доближување на музичката уметност до нив преку интерактивни работилници, концерти за деца и младинци, музички изданија, списанија..
Уметничките предмети се последни на листата во училиштата. Не само што не се доволно застапени туку и се оди во насока на редуцирање на нивниот фонд. Каква порака испраќаме со тоа? Какви личности ќе бидат сегашните деца и младинци, идни креатори на општеството?
Тоа се дел од прашањата што ме загрижуваат мене лично и сите нас, а доколку во кој било сегмент од овие теми успеам да дадам барем скромен придонес, за мене е тоа доволно значајно наследство што би го оставил во македонската музичка историја. Сите сме важни во таа мисија, тоа е наша заедничка одговорност.

Каква надградба на вашата кариера сакате да остварите во 2024 г.?
Во 2024 година ме очекува изведбата на едно монументално дело кон кое се стремам последниве петнаесет години, а интензивно го учам, студирам и работам последните четири години. Станува збор за генијалните Голдберг-варијации од Јохан Себастијан Бах, едно од најкомплексните, но и најубави дела од репертоарот. Аријата со триесетте варијации се слушаат многу ретко на светските подиуми, додека пак во Македонија на еден начин претставува збиднување на декадата.