Фото: Благојче Митревски

Деновиве во Ресен беше обзнанет почетокот со работа на новото Здружение за литература и култура „Преспански треперења“ На свечен настан кој се одржа во црквата „Св. Наум Охридски“ во с. Болно, пред присутните беше претставена програмата на здружението.

– Идејата е да ставиме посебен акцент во афирмирањето на поезијата, меѓутоа ќе се залагаме за побогат, поквалитетен и поразновиден културен живот. Исто така, сакаме да посветиме внимание на зачувувањето на духовното наследство, но и на афирмацијата на етничката и културната разновидност-истакна претседателката Маријана Митревска.

Програмата на здружението предвидува и културно уметнички манифестации од локален, но и од меѓународен карактер, како и промоција на убавините на Преспа и на Македонија. Од областа на ликовната уметност визијата е почесто да се случуваат групни и самостојни изложби, но и музички настани и концерти, со посебен акцент на афирмација на младите уметници. Во рамки на здружението ќе се реализира и издавачка дејност со што дополнително ќе се афирмира книжевното творештво на локалните автори.

Ф.Д.