Владата подготвува измени на правилникот за увоз на млеко во прав и палмино масло, како и пакет мерки за поддршка на домашните млекопроизводители и намалување на залихите во млекарниците, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Според него, целта е да се стабилизира состојбата во млекарскиот сектор и да се заштити домашното производство, пренесе МИА.
Мицкоски оцени дека актуелните проблеми во секторот се последица на измените на правилникот донесени од претходната Влада, со кои, како што рече, биле намалени критериумите за увоз.
-Но, прво треба да го лоцираме виновникот, односно да го дијагностицираме проблемот. А проблемот е создаден уште пред неколку години од претходната влада, со измените на правилникот, со кои беа намалени критериумите за увоз на млеко во прав и палмино масло. Тоа е суштината. Оттаму потекнува ова што денес се случува – рече премиерот во одговор на новинарско прашање по денешната прес-конференција по потпишувањето на коалицискиот договор со Демократската партија на Турците.
Тој посочи дека млекарниците во моментов располагаат со големи залихи на производи, што, според него, негативно се одразува врз откупот на сурово млеко и врз откупните цени.
-Кај млекарниците има полни магацини со производи кои се произведуваат од преработено млеко. Тоа се одразува врз обемот на откуп на млеко од фармерите и, нормално, влијае врз цената, која се намалува – нагласи Мицкоски.
Премиерот додаде дека слична состојба има и во земјите од регионот, но истакна дека Владата веќе работи на построги критериуми за увоз на млеко во прав и за економските оператори што го увезуваат.
-Со новиот правилник се воведуваат построги критериуми што се однесуваат на млекото во прав и на економските оператори што го увезуваат. Во периодот што следува, наш примарен интерес се домашните фармери, односно млекопроизводителите од нашата земја – истакна премиерот.
Како дополнителни мерки, Владата ќе работи на поттикнување договори меѓу млекопроизводителите и преработувачите, како и на обезбедување средства од општествено одговорни компании за откуп на вишокот производи што моментно се наоѓаат во магацините на млекарниците.
Воедно, Мицкоски најави дека по усвојувањето на ребалансот на Буџетот ќе започне исплатата на субвенциите за 2025 година.
-Нормално, по завршувањето на ребалансот на Буџетот ќе бидат исплатени и субвенциите за 2025 година. Само за потсетување, во 2024 година не беа исплатени субвенциите за 2023 година кога ние ја презедовме власта. Сега зборуваме за субвенции што ќе бидат исплатени за 2025 година, што значи дека процесот се одвива тековно – рече Мицкоски.



































