Во текот на февруари, Амбасадата на Република Полска во Скопје, во рамките на проектот „Полска на полица“, ѝ донира на НУ библиотека „Григор Прличев“ од Охрид 53 наслови, по еден примерок од актуелни преводи на книги од полски автори на македонски јазик. Амбасадата на Република Полска информира дека мај тече во знак на одбележувањето на полската книжевност во македонските библиотеки.
– Ги покануваме сите заинтересирани да позајмат книга од полски автор, која ќе ја најдат меѓу библиотекарската колекција. Читателите ги очекуваат симболични сувенири – информираат од Амбасадата на Република Полска.
По повод месецот на полската литература се објавени конкурс за возрасните читатели – рецензија на прочитана книга од полски автор, и конкурс за деца (од пет до 12 г.) – цртеж на лик од прочитана книга од полски автор (техниката во која ќе биде изработен цртежот е по желба). Конкурсот е отворен до 10 јуни. Жирито ќе ги оцени испратените рецензии и цртежи, а по тројца автори од двете категории со највисоки оцени ќе бидат наградени со книги. За сите учесници следуваат мали сувенири. Резултатите ќе бидат објавени на 14 јуни. Охридската библиотека „Григор Прличев“ се приклучува кон оваа акција и сите наслови ќе им стојат на располагање на читателите, а на својата веб-страница библиотеката ќе ги објави сите 53 наслови за читателите да можат да одберат. Секој работен ден на фејсбук-страницата на библиотеката ќе бидат споделувани по два наслова од полски автори.