Културниот центар „Интерарт“, во соработка со 11 партнери од поширокиот регион, го започна проектот „Мувинг Балканс“, како платформа за современ танц, која има цел да ги обедини и поврзе младите танцови сили од Балканот. Овој проект е поддржан од Европската Унија низ програмата „Креативна Европа“ и во него се обединети центри што се занимаваат со танц. Тука се вбројуваат фондацијата „Артлинк“ од Софија, Бугарија, која е и носител на проектот; културниот центар „Интерарт“, Скопје, Македонија; Студентскиот културен центар од Нови Сад, Србија; „Ен-Кнап“, центарот за урбана култура „Кино Шишка“ и Словенечката асоцијација на современи танчари од Љубљана, Словенија; Хрватскиот институт за движење и танц од Загреб и Хрватскиот културен центар од Риека, Хрватска; „Албански танцови средби“ од Тирана, Албанија; танцовиот културен центар „Унитива“ од Атина, Грција; Националниот центар за танц од Букурешт, Романија.

Во Скопје се пристигнати 22 танчари од земјите учеснички, кои заедно со македонските танчари од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, во рамките на јубилејното издание на „Танц-фест“ – Скопје, ќе работат со професорите Џоан ван дер Маст од Кралскиот конзерваториум од Хаг, Холандија, Џорџа Д’Амико, танчарка, кореографка и професорка од Италија, која моментално живее во Цирих, Швајцарија, и професор д-р Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија при УГД. На работилниците како гостин корепетитор учествува и реномираниот музичар и член на националниот ансамбл „Танец“, Ратко Даутовски, кој на перкусионистички инструменти ги придружува танчарите и создава извонредна атмосфера. Работилниците опфаќаат изучување современа танцова техника со професорката Џорџија Д’Амико, лабан анализа на движење со професорката Џоана ван дер Маст и креативен процес на создавање кореографија и интерпретација со професорката Рисима Рисимкин. Учесниците се обединуваат во заедничка лабораторија во која учат, истражуваат и споделуваат.

– Проектот „Мувинг Балканс“ ќе се одржува во следните три години и младите уметници од областа на танцот ќе имаат можност да учествуваат во различни настани, како копродукции, фестивали и работилници, со цел да се оформат, зајакнат и развиваат конекциите за да се подигне нивото на развој на современиот танц во целиот регион. На веб-страницата на платформата „Мувинг Балканс“ е објавен отворен повик, на кој ќе бидат избрани 10 современи танцови кореографии, кои ќе бидат претставени на првото издание на „Мувинг Балканс контемпорари денс шоукејс“, што ќе се одржи во Љубљана, Словенија; Риека и Загреб, Хрватска, помеѓу 10 и 13 мај, 2025 година. Фестивалот ќе ги прикаже продукциите од Балканскиот Регион и ќе понуди можности за средба, размена на идеи, интеракција со публиката и професионалците од областа на танцот, како и можност да се биде дел од новата уметничка мрежа – соопштува Рисима Рисимкин.

„Мувинг Балканс контемпорари денс шоукејс“ е нова динамична соработка на танцови професионалци од целиот Балкан. Мисијата на платформата е да го подигне современиот танц во регионот и да го позиционира конкурентно во Европа. Преку регионална партнерска мрежа, изложби, иницијативи за мобилност на уметници, работилници, кокреации и активности за градење капацитети, има цел да ги зајакне професионалците за танц и ја издигне свеста за енергичната танцова сцена на Балканот.