Наташа Костовска, илустраторка

Наташа Костовска е дипломирана историчарка на уметност, долгогодишна карикатуристка и илустраторка за деца за странски и домашни автори. Таа пред некое време одржа и интересна креативна работилница за изработка на кукли од чорапи во рамките на книжевната и творечка манифестација за деца и млади „Млади европски приказни, млади креативци“, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“.

Како дел од книжевната манифестација „Млади европски приказни, млади креативци“, што им пренесовте на децата на креативната работилница?
– Мислам дека оваа работилница беше многу интересна за децата бидејќи правевме кукли од обични чорапи. Сакав децата со моја помош, а и сами да се обидат да направат нешто интересно со шиење – вештина што сигурно не ја учат на училиште. Чорапите се само материјал со кој децата ќе можат да ги изразат својата креативност и имагинација, а јас им помагам технички да го изработат она што го замислиле. Многу е важно децата да научат да бидат вешти со рацете и сами да си направат интересни играчки.

Каков е креативниот процес на создавањето или илустрирањето една ваша сликовница?
– За да илустрирам една сликовница, најпрво треба да ме привлече приказната. Додека ја читам приказната, во главата ми се создаваат претстави за она што е напишано. Но секој автор на приказна додека ја пишува приказната има своја визија и свои слики во главата и тоа е негов авторски израз. Илустрациите што јас ќе ги направам за таа сликовница ќе бидат мој авторски израз. Секогаш тежнеам со моите илустрации да воспоставам непосреден контакт помеѓу детето и илустрацијата. Секоја илустрација сакам да биде жива и да има нешто повеќе од буквално пренесување на содржината на книгата, да има духовитост и некоја интрига што ќе му се допадне на оној што ја гледа. Илустрацијата во сликовниците е многу важна работа затоа што детето читајќи го текстот бара визуелно доживување на она што е напишано, а јас со моите илустрации сакам да му дадам и повеќе од тоа, внесувајќи и некои интересни детали.

Колку ви се инспиративни децата?
– Ме инспирира начинот на кој децата мислат. Во детскиот свет сѐ е можно. Прашањата што ги поставуваат, одговорите што ги даваат, како искрено ги искажуваат своите емоции. Сета таа детска искреност и инфантилност се трудам да ги внесам во моите илустрации. И самата мислам дека во душата сѐ уште сум дете. И таа моја детска душа најмногу ми помага да направам добри илустрации со кои ќе ги поттикнам децата и самите да бидат креативни и да ги изразуваат своите идеи преку уметноста и креативната работа.

Кои се најголемите задоволства и предизвици во работата на илустраторка на книги за деца?
– За мене најголемото задоволство е кога ќе видам дека детето се радува на она што јас сум го создала. А најголем предизвик е да создадам нешто уште подобро од она што претходно сум го направила. Тоа значи дека се трудам сликите што ги имам во главата да ги пренесам на најинвентивен начин, задржувајќи го сопствениот карикатурален стил, и никогаш не сакам моите илустрации да бидат апсолутно имитирање на реалноста. Понекогаш не успевам да ја реализирам сликата што ја имам во главата и, колку и да е долг процесот на создавање, не се откажувам додека не бидам задоволна од она што сум го замислила. А бидејќи никогаш не сум сосем задоволна, секоја нова илустрација ми е повторен предизвик.

Колку е важна употребата на боите во креирањето на емоциите и атмосферата на книгите за деца?
– Најважна! Боите не се само обична боја. Боите изразуваат чувства, но беспричинско инсистирање на јаки бои и хаотично шаренило во сликовниците не значи ништо. Постои непишано правило дека жолтата и портокаловата боја предизвикуваат радост и убави чувства, а темната и сивата боја – тага. Но тие правила мислам дека не треба да важат, затоа што на пример мрачното небо на кое сјаат прекрасни сребрени ѕвезди и убава насмеана месечина создава чувство на спокој, а не чувство на тегобност и тага. Па, затоа мислам дека стереотипите во употреба на бојата во детските сликовници треба да бидат одбегнати. Искусниот илустратор секогаш ќе знае со боја и со цртеж да ја создаде вистинската атмосфера и да ги предизвика вистинските чувства кај детето.

Какви особини сакате да им дадете на ликовите?
– Интересни, инвентивни, комични… Секогаш се добродушни, позитивни, понекогаш малку палави. Секој лик што го создавам го чувствувам како нешто свое и затоа сум многу емотивно врзана со нив.