Мастерклас на темата „Неуспех, можност за развој“ е закажан за 23 јули, во 17 часот, во Лапидариум, Охрид, како дел од „Бич филм фестивал“. Мастеркласот ќе го одржи Кавех Захеди, независен филмски режисер од Америка.
Кавех Захеди, кој студирал на универзитетот „Јејл“, а потоа и на „ЛА Филм скул“, ќе ја раскаже приказната за своите честопати фрустрирачки обиди за снимање, финансирање и дистрибуирање филмови. Ќе зборува за разликата помеѓу она што човек го сака и она што го добива и за тоа како неуспехот може да биде спиритуална практика. Повеќето луѓе што снимаат филмови сакаат и замислуваат извесен резултат што речиси никогаш не е оној резултат што го добиваат.
– Ова предавање ќе ја истражи таа разлика како можност за спиритуален развој.
Мастеркласот е бесплатен и отворен за сите заинтересирани – посочуваат од „Бич филм фестивал“.