„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска продолжува да го освојува светот, по светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција и Торонто и по одличниот прием од страна на светската критика и големиот интерес за интернационална кинодистрибуција. Македонската премиера на националниот претставник за „оскар“ е закажана за 27 октомври, во киното „Милениум“.
Во текот на месеците што следуваат промоцијата на филмот низ светот ќе се одвива во силен ритам, собирајќи нови признанија, од селекција на престижни фестивали до ексклузивни прикажувања и започнување на редовно киноприкажување во многу земји.
– Овој месец, „Најсреќниот човек на светот“ патува на пет фестивали низ целиот свет. Започнавме со ексклузивна проекција на филмскиот фестивал во Киев, Украина, што беше проследено со предавањето од страна на режисерката Теона С. Митевска. Полната сала во Киев и крајно емотивната проекција на филмот во Киев, проследена со звуци од сирени, зборуваат за значајноста на оваа приказна и овој филм, кој крајно искрено говори за тешкотиите и можностите за помирувањето по воените разорувања, за длабоките траги и трауми што остануваат врежани засекогаш кај сите што се зафатени од немилосрдниот виор на војната – истакна Лабина Митевска
Турнејата на „Најсреќниот човек на светот“ за десеттиот месец ќе заврши во Словенија, каде што ќе се натпреварува за наградата „Весна“ за малцински копродукции на Филмскиот фестивал во Ровињ.