Наредните пет дена, од 12 до 22 часот, уметникот Владимир Лукаш ќе го пресели своето ателје во Мобилната/монтажна галерија, во кое ќе ја создава изложбата што ќе биде отворена на 25 и 26 октомври, во 20 часот.
Концептот е едноставен, влегувам во галерија со материјали за цртање и сликање и почнувам: пет дена по осум часа дневно. Отворањето на изложбата е шестиот ден, собирањето – осмиот.
Уметниците си ја сфаќаат работата многу сериозно, не како тебе, односно како мене. Како и да е, ќе седнам да цртам/сликам/што и да е, и сето тоа ќе биде јавно. Ова е, всушност, надоврзување на една моја изложба од пред седум години во Отвореното графичко студио, која ја нареков „Цртежи што никогаш нема да ги изложам“: ѕидовите на галеријата беа празни, на една маса беа поставени околу 300 цртежи и публиката ја создаваше изложбата по принцип направи сам. Освен „закачи на ѕид што ти душа сака“, немав никаква контрола врз процесот на поставување на изложбата, на голема жалост на кураторките Нита и Марија. И така. Концептот е, значи, едноставен: влегувам и работам – споделува Лукаш.
За време на тие пет создавачки дена, Дарин Ангеловски, дотеран во костум на многу сериозен теоретичар, ќе пишува метамодернистички манифест што ќе глуми кураторски текст.