До 25 јули во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово е поставена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“, отворена по повод 10 јуни, Светскиот ден на хералдиката, а во организација на Македонското грбословно друштво. Хералдиката е уметност на исцртување на грбовите. На изложбата се претставени над 70 грба поврзани со Македонија, почнувајќи од 14 до 21 век, а се состои од 35 панели во два дела. Првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 15 до 18 век, поделен во три дела: грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен во три дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
Автори на изложбата се потпретседателот и претседателот на Македонското грбословно друштво, Иван Нацевски и Јован Јоновски, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од истото друштво, единственото стручно тело по хералдика во Македонија. Промотор на изложбата беше публицистот Ставре Џиков.