фото: Министерство за култура

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска го посети Лешочкиот манастир во Тетовско, во чиј комплекс се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, при што најави дека до крајот на оваа година ќе заврши конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак кој претставува интегрален дел од црквата „Св. Богородица“.

Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, Љутков за време на работна посета на Лешочкиот манастир се сретна со митрополито тетовско-гостивараски г. Јосиф.

– Во рамки на посетата, Љутков заедно со в.д. директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџипецова ги најавија завршните активности за конзервација, реставрација, санација и ревитализација на Стариот конак како и активностите за конзервација и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век – се вели во соопштението на Министерството.

Љутков најави дека за реализација на конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак обезбедени се 6 милиони денари. Тој додаде дека оваа година, како капитален проект, се обезбедија и финансиски средства за  реализација на конзервацијата и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.

– Според информациите од конзерваторите од НКЦ откриениот, трет, најстар слој фрески во црквата „Св. Богородица“ сведочи за повеќевековниот континуитет на опстојување на ова споменично добро  во манстирскиот комплекс во Лешок. До крајот на годината очекувам да бидат пошироко дефинирани површините со најстариот живопис и да се предложат натамошни мерки за конзерваторските зафати – рече Љутков.

Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на тетовско гостиварската епархија на МПЦ – ОА, г. Јосиф, кој информираше дека завршувањето на манастирскиот конак со капацитет од 50 легла, кој заедно со спомен собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние пропратни содржини што се внатре во самиот конак, ќе биде од особено значење за развој на манастирскиот туризам.