Леон Шумански, основач на „Гола планина колектив“
„Гола планина колектив“ е музичко здружение на младиот бран на музичари што творат авторска музика во рамките на Македонија. Главен стимул за основање вакво нешто им била разнишаната музичка индустрија во нашата држава, како и нејзината одбивност да соработува со младите, притоа влевајќи песимизам во домашната култура, градејќи необновлива средина за новата
генерација. Леон Шумански, задолжен за менаџмент и комуникации во „Гола планина колектив“, е и еден од основачите на колективот.
Кое е мотото на „Гола планина колектив“?
– Сите културни работници се свесни во каква средина работиме и какви смешни ресурси одат во културниот сектор, но ние веруваме дека заеднички, рака за рака, сите работи можат да станат подобри. Нашето мото,,Ако не ние, кој? И ако не сега, кога?“, јасно кажува во која страна ја гледаме нашата иднина и како ние го согледуваме развивањето на нашиот колектив. Веруваме во меѓусебна соработка и помош, како главен двигател на домашната култура. Веруваме во младите и во нашата генерација како генерација што е родена во време на интернет и децентрализирани информации, веруваме во култура за сите низ цела Македонија, бидејќи само така ќе изградиме нови млади луѓе што ќе бидат ‘рбетниот столб на културата во иднината.
Каква поддршка им обезбедувате на младите уметници?
– Им обезбедуваме лесен пристап на младите уметници до алатките на музичката индустрија, како дистрибуција, организација, менаџмент, букинг итн. Направивме тимови од луѓе што се организмот на колективот и неуморно работат на случајот, следејќи ја новата сцена и помагајќи им на младите. Можеби најголемиот проблем што го согледавме кај нас е необновливоста на младиот кадар во музичката индустрија, завршува во луѓе што се лесно манипулирани и искористени, не знаејќи ја својата вредност. Пробувајќи да го решиме тоа, дојдовме до идејата да го основаме овој колектив, кој прво започна како соработка меѓу шест бенда во 2021-та, кои меѓу себе споделуваа искуства и си помагаа. Поддршката што ја бараме е од државата, која е културно назад декади за разлика од регионот. Култура и уметници имаме, немаме поддршка и структура, уште тоа недостига.
Од каква важност е постоењето на една ваква платформа?
– Дефинитивно е од огромно значење што во последно време сѐ повеќе се развиваат здруженија и колективи на млади во секоја област од културата, носејќи го зборот за Македонија подалеку, без никаква поддршка. Јас кажувам, ако сега без поддршка успеваме барем да останеме мотивирани да работиме, што би било ако би нѐ поддржале? Музичкиот колектив „Гола планина“, како концепт, дефинитивно отвора нов спектар на уметност, каде што уметниците одлучуваат за своето и творат безгранично, развиваме една децентрализирана средина за сите креативни компетентни луѓе да дојдат до својата публика.
Колку имате одѕив од уметниците, колку ги користат вашите ресурси и алатки?
– Имаме добри реакции од локалната сцена на уметници. Во моментов развиваме начини како да дојдеме до сите млади што развиваат сопствени авторски проекти и да почнеме да се шириме во националните граници. Цел за следниве неколку години ни е да ги раздвижиме сите градови надвор од Скопје, со тоа ќе добиеме децентрализирана култура за секој човек секаде во Македонија. Ако не промениш работи дома, нема да успееш да подобриш регионално, се надеваме и интернационално.
Со кои уметници соработувате?
– Концептот на нашиот колектив е да здружи уметници и тие заедно да работат, нашиот колектив е составен од уметници и креиран од уметници, а не соработува со нив. Колективот е хоризонтална шема, каде што учествуваат сите членови од бендовите што одлучуваат за неговата иднина. Во овој момент бројката на бендови и артисти е 15, меѓу кои се и два неактивни бенда: „Луфтанза“, „Корожн“, „Занаду“, „Хајка 3.4“, АТА, „Димиш“, „Стој, после!“, „Дивоградба“, „Вагина корпорејшн“, КЕМ, „Пич вајс“, „Харакири“, „Бејсмент калт“, „Кат д нипл“ итн.
Во која насока сакате да се развива колективот?
– Како што спомнав, дефинитивно целиме кон децентрализација на музичката сцена од Скопје, па летово очекувајте концерти во различни градови низ Македонија. Исто така, голема цел во нашето постоење е и интернационалниот пласман на нашата музика како еднакво квалитетна со регионалната и доволно компетентна во интернационални рамки. Може да се каже дека пипалата на „Гола планина“ почнуваат да допираат каде што се неправдите, но и каде што се убавите работи во нашата култура. Доста ни е од песимизам, доста ни е од „нема ништо кај нас…“, доста ни е од потценување на младите и доста ни е од суети. Ќе развиваме обновлива средина за младите во иднината и ќе ја издигнеме моменталната сцена далеку од каде што е сега. Како последно, ќе им се заблагодарам и на сите млади што доаѓаат на нашите настани, купуваат и носат маички од наши бендови, нѐ поддржуваат безусловно и се тука со нас колку и да е лош периодот.