Песни што ме тераат да играм

Го роди некаде во 1970-тите. Сама, сосема сама, никој околу неа, како осамен смачкан вселенски брод што плови. Мајка, татко, брат, сестра, сите се далеку. Ѝ
се урна целиот свет, целата надеж, сите сништа отидоа во неповрат. Но таа е храбра, жена лавица, таа го предизвикува светот, сосема сама. Во седумдесеттите години од минатиот век да бидеш самохрана мајка беше храброст, се бориш во светот на мажи. Сама изгради куќа, за себе и синот, се расправаше со мајстори, со банки, одеше на работа дури и болна, заработуваше, готвеше, переше, учеше со синот, одеше на родителски, го поправаше покривот кога врнеше, го тешеше синот, беше со него секогаш кога требаше, се трудеше некако да го надомести местото на таткото, и успеа во тоа. Беше и мајка и татко. Го запостави својот живот за да го посвети животот на синот.Имаше само две здолништа за на работа, а на синот му шиеше панталони од оние зелените завеси што ги имаше во секоја куќа. И не се срамеше, не се предаде, го поднесе бремето на животот и излезе посилна од кога било, се издигна како феникс.
Мартин ми е другар, помлад е од мене, и тој е дете на самохрана мајка. Се разведе од жена си Снеже пред три години, децата ѝ припаднаа на мајката. Разводот лош, нивниот однос уште полош. Не зборуваа меѓу себе. Подоцна, со достапноста на социјалните мрежи, се поврзувавме сите тројца на линија, јас како медијатор. Еден ден се приклучуваме сите тројца. Никој не знае зошто ги барам. Ништо не зборувам, само им ја пуштам песната „Сама“ на Дамир Урбан. Мартин се буни, Снеже молчи. Завршува песната, ја пуштам повторно, и повторно. Десетина пати. Јас молчам, Снеже плаче, Мартин уште повеќе. Мартин вели: „Ова е песна за мајка ми“, а Снеже: „Ова е песна за мене, за секоја жена“. И за првпат, по три години, почнуваат да зборуваат меѓу себе. Се исклучив, ги оставив сами. Ене ги сега заедно, пробуваат да се зближат.
А песната „Сама“ е епопеја, ода, химна посветена на жената, инспирација, тивка сурова сила, напишана (и неверојатниот текст и музиката) од најквалитетното име на балканската сцена во моментов – Дамир Урбан. Никој толку длабоко не допрел до духовната сила на жената. И секоја жена може да си најде свое значење во оваа повеќеслојна епопеја. Дамире, секоја чест.
А онаа жена од почетокот на приказнава што го роди синот во 1970-тите се вика Наталија-Анастасија. Таа сега има 90 години, кралица, икона на вселената, се уште храбра, очите сѐ уште ѝ светат, среќна, почитувана, горда. Таа е мојата мајка.

Автор: Љупчо Давчев