Во големата сала од Центарот за култура во Кичево утре, во 19 часот, ќе се одржи концерт посветен на 25-годишнината од формирањето на КУД „Младост“ од Кичево. На концертот ќе настапат повеќе групи игроорци на друштвото, од поранешните игроорци, првата и втората постава, а ќе се претстават и гости игроорци и солисти, кои ќе го збогатат ова одбележување.
– На одбележувањето на 25-годишнината на КУД „Младост“од Кичево, најпрво ќе настапат поранешните игроорци, кои ќе ги изведат орските сплетови, „Повардарие“, „Ѓурѓовден“ и „Комитско“. По нив следува настапот на првата постава, која ќе ги изведе орските сплетови „Малешевка“ и „Копачија“, а „Вардарки“ и „Раштак“ ќе ги изведе втората гарнитура на „Младост“. Гости на ова одбележување ќе бидат групата „Бели мугри“ и солистите Мики Данилоски и Катерина Танеска. На сцената ќе се појават околу 30 поранешни и 40 сегашни игроорци од сите генерации. Со овој концерт ќе ја заокружиме 25-годишнината од формирањето на друштвото, низ кое во изминативе 25 години продефилирале над 700 игроорци. Друштвото досега одржало над 500 концерти во земјава и во странство – истакна претседателот на друштвото Зоран Јовески, кој очекува големата сала од центарот за култура да биде во целост исполнета. З.А.