Во камерната сала на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот ќе се одржи концерт во рамките на циклусот „Подиум на млади“, на кој како солисти ќе настапат Џеврие Туле – пијано и Симеон Гошев – виолина, во пијано придружба на Весна Ангелова Христов. На програмата се дела од Бетовен, Лист, Паганини и од Зографски.
Џеврие Туле (2006, Струга) од 2020-та школувањето го продолжила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на Весна Ангелова-Христов, каде што оваа година е матурантка. Учествувала во програмата „Еразмус плус“ во Копер, Словенија, организирана од ЗМП „Полихимнија“ (2022) и во Вараждин, Хрватска, (проект на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (2024). Уште од мала Туле се истакнала со големи успеси на државните и на меѓународните натпревари по пијано во земјава и во странство. Таа е лауреат на натпреварите и во Албанија и добитничка на први награди на државните натпревари во земјава, добитничка на прва награда на „Полихимнија“, на специјална награда „Јасминка Чакар“ за најдобро изведено дело од Ф. Шопен.
Симеон Гошев (2003) е роден во семејство на музичари и од најраното детство е во контакт со музиката. Неговите први музички настапи биле на детски фестивали, каде што пеел како солист и во хор. Во 2009 почнал да учи виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на проф. Ана Кондратенко. Своето образование го продолжил најпрвин во класата на проф. Румен Димитриев, а потоа кај проф. Јелена Туфекчиевска. Во 2022 година започнал со студии на Музичката академија во Љубљана, во класата на проф. Јанез Подлеска и ас. Ана Должан. Низ годините, Гошев има освоено награди на многу меѓународни и државни натпревари, како наградата на фондацијата „Илија Николовски-Луј“ за високи достигнувања во текот на школувањето и златна плакета и специјална награда за најдобра изведба на дело од словенечки автор на натпреварот „Темсиг“ (2024).