Во Камерната сала на Филхармонијата се одржа последниот концерт во рамките на манифестацијата 47. „Денови на македонска музика“, концерт на гудачкиот квартет „Атака“. Овој настан беше единствена можност да се проследат дела од различни периоди и стилови на македонската музичка мисла посветена на камерниот состав – гудачки квартет. Беа изведени делата на композиторите Валентина Велковска-Трајановска, Гоце Гавриловски, Филип Иванов и Академик Ристо Аврамовски. Гудачкиот квартет „Атака“ го сочинуваат младите извонредни уметници: Ева Богоевска – виолина, Марија Трајковска – виолина, Илза Бафтиари – виола, Маја Михајловска – виолончело.
Фестивалот 47. „Денови на македонска музика“ е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, а се одржува под покровителство на претседателот на Р Македонија, со поддршка на Министерството за култура.