Комедијата е еден од потешките жанрови за играње

Катерина Чакмакоска Клинческа, актерка

Првата улога на сцената на театарот ја одигра на седумгодишна возраст во претставата „Јунаците од бајките пеат“, во режија на Петар Димоски, а потоа како аматер продолжува да игра во други младински претстави. Катерина Чакмакоска Клинческа, актерка, дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Владо Цветановски и Мими Таневска, во 2012 година, а веќе од 2013 година се вработува во театарот „Војдан Чернодрински“. Меѓу улогите што ги има остварено се Груша во „Кавкаски круг со креда“, во режија на Мартин Кочовски, Елена во „Сон на летната ноќ“, во режија на Нела Витошевиќ, Каролина во „Казимир и Каролина“, во режија на Нела Витошевиќ, Алисон во „Обѕрни се во гнев“, во режија на Кристина Димитрова, Вдовицата во „Figurae Veneris historie“, во режија на Наташа Поплавска, и Милена во „Семејни приказни“, во режија на Милош Б. Андоновски. Во 2015 година е номинирана од весникот „Дневник“ за актерка на годината за улогата Евдокија во „Буре барут“ на Наташа Поплавска.
Прилепската актерка Катерина Чакмакоска Клинческа, членка на ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“, на фестивалот на „Гола месечина“ ја доби наградата за женски актер на фестивалот за претставата „Да, инспекторе“.
– Наградата е само поттик за да продолжам со исто темпо. Особено ми е драго што наградата за женска улога дојде на фестивалот „Гола месечина“, прекрасен фестивал под отворено небо. Навистина беше посебно искуство – вели Катерина.
Според неа, претставата за која ја доби наградата е извонредна.
– „Претстава со грешки“ или како што е во нашата верзија „Да, инспекторе“ е еден одличен текст, комедија со многу специфичен хумор. Од прво читање се заљубив во текстот. Идејата да се соберат актери и да направат претстава, ама ништо не им оди од рака, а на изведбата им се случуваат милион грешки и тие по секоја цена се трудат да ја одиграат докрај, е одлична. Самата изведба беше многу специфична за нас како актери, да се одигра на некој начин како аматер што се труди да одигра професионална претстава по секоја цена. Ова ни беше прва соработка со режисерот Синиша Евтимов и мислам дека беше полн погодок. Конкретно за мојот лик, батлерот Пеце, заедно со Синиша постепено го создаваме за на крајот да излезе крајната верзија од која двајцата бевме задоволни. Синиша знаеше точно да ме насочи во која насока да го креирам ликот – додава таа.
Комедијата, во нејзиното досегашно искуство, е жанрот во кој се чувствува слободно и природно.
– Не дека не ги сакам другите жанрови, ама на комедијата особено ѝ се радувам. Таа има свој јазик, своја динамика и ритам и е една од потешките форми за играње. Воопшто не е лесно да насмееш човек во публика – напротив, тоа е најтешко. Впрочем, актерството, мојата професија е игра. Колку повеќе и поискрено се заигруваш, толку е подобар резултатот. Се трудам секогаш да се „заигрувам“ што повеќе – објаснува Катерина.
Според неа, театарот е посебно место во кое се губи секој љубител на драмата, место каде што сака да се скрие од надворешниот свет.
– Театарот за мене е слобода. Таму можам без страв, наивно, искрено, детски да верувам и да создавам нови светови. Тоа е суштината на нашата професија. Никогаш да не заборавиме да си играме. А да се биде на сцената значи да се биде креативен, одговорен и игрив. Не можам, а да не се сетам на зборовите од Горан Стефановски: „Јас сум уметник, не му припаѓам никому. Јас стојам на работ на ништо“ – вели Катерина Чакмакоска Клинческа. Ка.М.