Објавена „Само птиците се враќаат назад“ на Христијан Аџиоски
„Само птиците се враќаат назад“ е новата книга на авторот Христијан Аџиоски, кој претходно го објави зборникот на македонски народни преданија „Гласот на предците“. Книгата е историска хроника за чемерната голгота на Егејска Македонија и прогонствата на бегалците од дедовата земја.
– Во ова мало книжевно дело се опишани долгиот пат и страдањата на стотици илјади семејства, кои сурово биле разменувани како што овчарите си го разменуваат добитокот, само затоа што така сакале „големите“, кои секогаш одлучуваат за иднината на малите. Тука ќе ги сретнете родните села на Грците во Кавказ, Кападокија, Измир, Трабзон, кои ја преплавија Македонија населувајќи се во селата на Македонците протерани во Струмица, Петрич, Пловдив, Софија, Бургас… Овде се опишани последните денови на убавиот Кукуш, пред да биде опожарен до темел, опишани се славните битки на партизаните, но и егзодусот на децата бегалци од опустошените големи костурски села. Овде ќе го сретнете и значењето на стотиците донесени грчки топоними, преку кои грчките бегалци го чуваат споменот за напуштената татковина во Мала Азија. Зошто селото Зарово е преименувано во Никополис, а селото Илиџиево во Халкидона? Што е слично во имињата Малгара, Никомидија и Мундања во Турција и Неа Малгара, Неа Никомидија и Неа Мундања во Грција? Овие страници се само плод на долгогодишно истражување и татковинска опседнатост да се откопаат закопаните вистини. Талкајќи низ Егејска Македонија и одблизу расчистувајќи ја пепелта од згаснатите огништа на еден македонски живот со исконска бележитост – книгата сама се создаваше. Бидејќи Егејска Македонија не е само морето, плажите, шопингот, гирото и понекое нашинско оро, Егејска Македонија е страдалничка земја, која била жртва на најголемата размена на население во 20 век. А татковина може да се нарече само земјата што ги чува гробовите обраснати со трње – како сведоштва за корените на илјадници откорнати од родната грутка – вели авторот.
Христијан Аџиоски е дипломиран професор по македонски јазик и книжевност, лиценциран лектор по македонски јазик, како и лиценциран туристички водич. „Само птиците се враќаат назад“ е неговото петто книжевно остварување, кое претставува историско научно истражување, една своевидна бегалска хроника, во која се опфатени движењата на бегалците во Егејска Македонија помеѓу 1913 и 1948 година. Аџиоски живее и работи во Битола.