Почна 13. издание на „Анимакс Скопје фест“

Тринаесеттото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје фест“ се одржува од 24 до 26 ноември во Кинотеката на Македонија. Ќе бидат прикажани 39 кратки анимирани филма во официјалната програма и осум анимирани филма што се наменети за детската публика. Филмовите за официјална конкуренција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, меѓу кои најголем број од Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Кина, Бразил, Унгарија и други.
– Кога растев, мојот татко во една пригода ми рече: „Не ми е целта да те научам да бидеш успешен и богат. Само сакам да бидеш добар човек“. Тогаш не ми беше сосема јасно што сака да ми каже, но денес знам. Без такви добри луѓе, 13-то издание на „Анимакс“ немаше да се случи. Трпеливо ја чекаме поддршката од Агенцијата за филм, а на Град Скопје и Кинотеката од срце им благодарам за поддршката на првиот фестивал за анимиран филм во Македонија – вели директорот на фестивалот Кузман Кузмановски.
Оваа година жирито го сочинуваат: директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, уметницата Сашка Андреевска и историчарот на уметност Горјан Гишев.
Голем број филмови што ќе бидат прикажани на фестивалот се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А-категорија. Така што на отворањето гледачите имаа шанса да го погледнат актуелниот победник на фестивалот „Анеси“, вториот ден започна со „Бришачот“- кој доби „оскар“, а третата вечер е во знакот на „Црвениот зајак“. Освен за светски признатите филмови, „Анимакс Скопје фест“ останува доследен и во процесот на детекција на нов уметнички квалитет, давајќи им простор на млади и талентирани уметници да ја прикажат својата работа. Во тој контекст, во детската програма ќе биде прикажан и филмот на младата авторка Миа Панова, „Маја Новак“. Исто така, во рамките на придружната програма на фестивалот ќе се случи промоција/перформанс на поетската книга „Вкрстувања“ од Ѓорги Тодороски.
Проекциите на филмови за деца ќе се одржат денеска, со почеток во 12 и 14 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот анимиран филм за деца и да го одбере победникот.
Фестивалот „Анимакс Скопје фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-минтири“ од Скопје, со поддршка од Град Скопје, и во соработка со Кинотеката на Македонија. Ова е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е издигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.