„Танц-фест Скопје“ годинава се одржува под мотото „Сурово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“, со што се прославува јубилејот 20 години постоење. Во својата програма, за ова јубилејно издание, фестивалот ќе презентира повеќе домашни и странски кореографи на повеќе сцени низ градот, кои ќе бидат дел од повеќеслојната програма, која дава осврт на современата танцова сцена. Фестивалот започна со програмата „Паралели“, во соработка со Националната опера и балет, а се отвори со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ во кореографија на Олга Панго, на музика на Калиопи Букле.
На 16 април ќе биде изведена современата претстава „Сага“ во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, а на 17 април во Младинскиот културен центар ќе се претстават повеќе современи кореографи, претстава во која ќе видиме кореографии на Каи Чун Чуанг и Марија Шуркал, во продукција на „Вертикалити танцова компанија“ на Роуз Брус од Линц, Австрија, како и кореографиите „Гризење“ на Тереза Лазарев и „Језгро“ на Бисера Димчевска со Наталија Трифуновиќ. На 23 април се балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, чиј креативен тим го сочинуваат костимографот Александар Ношпал и драматургот Соња Здравкова-Џепароска, а кореографиите се: „Раѓање“ на Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андоновска, „Преплетување“ на Адријана Данчевска, на музика на Александар Гроздановски, и „Вознес“ на Саша Ефтимова, на музика на Александар Пејовски.

Јубилејната прослава на фестивалот ќе се одржи на 30 април, на сцената на Македонскиот народен театар, со претстава на „Скопје танцовиот театар“ и кореографии на Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска. Наедно, вечерта ќе се додели наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на балетскиот уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет.
На 11 мај на сцената на Македонскиот театар ќе се прикажат две кореографии, „Блокови“ на Дејан Битровски и „Табу република“ на Бобан Русески. Од 13 до 17 мај фестивалот ја вклучува програмата „Мовинг Балканс“, во која ќе учествуваат уметници од 11 земји: Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција и Македонија, со кореографи и професори од Холандија и од Италија. На 13 мај во МКЦ ќе имаме можност да ја видиме претставата „Импулс“ на „Скопје танцов театар 2“, во која ќе настапат студентите при Катедрата за современ танц и балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Годинешното издание ќе заврши со претставата „Мозаик“ на светската кореографска ѕвезда и официјален кореограф на претстојните Олимписки игри во Париз, Мурад Мерзуки. Фестивалот го остварува ова гостување преку соработка со Францускиот институт во Скопје