Издавачката куќа „Или-или“ го објави романот „Црвените очи“ на белгиската писателка и новинарка Миријам Леруа. Преводот од француски е на Светлана Јовановска.
Во својот втор роман, Леруа ни пренесува дел од своето искуство од разговорите на социјалните мрежи со човекот, кој во книгата го носи името Денис. Таа одговара на неговата покана за пријателство, охрабрена што имаат неколку заеднички пријатели на Фејсбук. На почетокот, епистоларното пријателство се сведува на речиси симпатична размена на животните приказни.
Но стапицата полека се затвора над жртвата… Леруа успева, со својот роман, да ги истакне актуелноста и итноста на овој проблем во денешниот свет. Да го отвори прашањето за неспособноста и немањето политичка волја на институциите и неподносливата затвореност на општеството. Виртуелното насилство не е само проблем на жртвата туку заеднички општествен проблем што го живеат над 70 отсто жени и што понекогаш ги води во трагедија.
Миријам Леруа (1982) е белгиска новинарка и писателка, живее и работи во Брисел. Таа се смета за писателка што ги вкрстува уметноста и новинарството и многу често го користи сопствениот живот како примарен материјал за обработка. Леруа отвора деликатни прашања со брутална искреност, ги постила пред јавноста табуата на нашето општество, особено сексистичките, тие што сакаат да ја замолчат жената.
„Црвените очи“ е нејзиниот втор роман. Текстот е адаптиран и за театар.