фото: Музеј галерија Кавадарци

Несекојдневна изложба на мали скулптури од концептот „Послушност“ на скулпторот Перо Кованцелеиев синоќа беше отворена во музеј галеријата во Кавадарци.

Станува збор за еден мултидисциплинарен ликовен уметник чие творештво е потикнато од идејата да се влијае на големите наративи со ликовни интервенции и дела кои инспируираат и потикнуваат промени за одржлив развој. Работи низ експерименталниот цртеж, сликарството, фотографијата, видеото, уметничката инсталација, скулптурата и кинетиката. Зад себе има околу 14 самостојни изложби и учество на триесетина групни изложби воглавном во Македонија. Овој современ македонски скулптор од Гевгелија, кој живее и работи во Скопје, вели дека овие скулпторални формации изложени во музеј галеријат во Кавадарци се инспирирани од два безвременски труда и тоа „ Познатиот милиграмов експеримент, за послушноста кон авторитетите“ каде заклучоците покажале дека луѓето се исклучително послушни и од есејот на Ерих Фром „За непослушноста“.
– Низ овие минијатурни акумулации со асоцијативни формации за послушноста како индивидуална карактеристика и општествена нужност се обидувам да ја нагласам општествената важност но и нејзината спротивност кои најчесто се видени како хаотични, помалку познати и малку прифатени. Скулптуралните акумулации се овде да не потсетуваат за нашите човечки слабости но и за нашите способности за да го очовечиме човекот во нас. Се надевам дека барем една од овие минијатури ќе види светло во јавен простор со монументални димензии.Бидејќи пред се јас ги гледам ови минијатури како модели за скулптури во големи димензии – рече во своето обраќање авторот на изложбата Перо Кованцелиев.

фото: Музеј галерија Кавадарци

Изложбата имаше чест да ја отвори професор д-р Васко Шутарев, кој воедно е автор на текстот во каталогот за оваа изложба под наслов „Заводливата послушност и неодоливата непослушност“.
– Скулптурите од ушни школки на Кованцелиев, гледаат немо, но увото кое умее да слуша, во нив можеби ќе препозне и шепот од одговори на многу прашања поврзани со толку посакуваната рамнотежа од послушност и непослушност! Погледнете ги, ослушните ги композициите од ушни школки, нафрлени едни врз други, како мали ѓубришта од една ислужена клиентелистичка култура на преживување, купчиња ѓубришта врз кои заедно почиваат ислужените уши и на марионетите и на авторитетиет! Или униформно подредените ушни школки во „колони-еден-по-еден“, кои заводливо тренираат послушност, гордо газејќи по се она што не се вклопува во строго контролираната просечност на актуелното мериторно медиоккритетство?! Или во совршениот звезден склад од ушни школки во кои уметникот ги препознава моментите а лична или колективна рамнотежа од послушност и непослушност, но чуму и тоа, ако општественото уво или тврдото уво на актуелната моќ, не препознале додадена вредност и од тоа останало само едно совршено естетско дело- каква што е скулптурата која ја негува уметникот Перо Кованцелиев – рече во своето обраќање Васко Шутаров, кој ги покани присутните на отворањето на изложбата да ги разгледаат делата и самите да проговорат за заводливата послушност но и за толку неодоливата непослушност.